Десетина пациенти со грип хоспитализирани на Инфективна, посетите во болниците забранети
Грипот беснее, земјава се соочува со пикот на заразата. Донесена забрана за посета на хоспитализирани пациенти…

Десетина пациенти со грип во потешка состојба се хоспитализирани на Инфективната клиника. Сите се над 65 годишна возраст и имаат други хронични заболувања. Состојбата е очекувана, болничките капацитети не се преоптоварени. Директорот Фадил Цана вели грипот го достигна платото, бројките покажуваат благо намалување на амбулантските прегледи.
„Се работи за старосната група која е една од најранливите на кои грипот може да им предизвика компликации. Бројките покажуваат дека има благ пад на прегледи, може да се каже дека тука сме во платото, но тоа никој не може точно, да го предвиди, зависи и од временските услови“, изјави д-р Фадил Цана, директор на Клиниката за инфективни болести.
Со цел да се спречи ширење на грипот, здравствените власти ги забранија посетите во болниците, препораки до граѓаните кога одат во здравствените установи, но и до медицинскиот персонал, да носат заштитни маски. За дополнителни мерки од Комисијата за заштита од заразни болести не се размислува. Бројките покажуваат дека најмногу на удар на грипот се децата до четири години, од Комисијата со апел за вакцинација.
„За да се дојде до подобар имунитет кај децата каде гледаме дека ги преполнуваат педијатриските амбуланти, потребна е таа вакцинација да биде од 60 до 70 проценти кај оваа возрасна популација и тоа е пракса во високоразвиените земји. Кај нас на возраст до 17 години според последните податоци беа 146 вакцинирани, а зборуваме за популација од 330 илјади деца“, вели д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисија за заштита од заразни заболувања.
И извештајот на Институтот за јавно здравје покажува благо намалување на бројот на заболени. Од почетокот на сезоната во земјава од грип заболеа околу 11.600 граѓани. Пријавени се и два смртни случаја.
Андријана Ѓурческа
