Делегации од САД и Русија на средба во Ријад
Вашингтон и Москва на заедничка маса. Делегации предводени од шефовите на дипломатиите на САД и Русија на разговори за ставање крај на војната во Украина и за подобрување на билатералните односи.

По четири и пол часа дискусија, тимовите на Вашингтон и Москва се договорија да работат за обнова на односите и на назначување тимови за брзо решавање на конфликтот во Украина. Има многу работа пред да добиеме каков било резултат, истакна тимот на Трамп.
„Ќе работиме на обновување на нашите мисии во Вашингтон и во Москва, потребни ни се дипломатски претставништва кои ќе овозможат да функционираме нормално. Ќе назначиме тим кој ќе помогне во преговорите и ќе работи за приближување на крајот на конфликтот во Украина на прифатлив начин во кој сите страни ќе бидат вклучени. Поставивме основа за тимови за геополитичка и економска соработка и инвестициски можности кои ќе произлезат по крајот на конфликтот во Украина“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
„Ова треба да биде траен крај на војната, а не привремен крај, како што видовме во минатото. Реалноста е дека ќе има дискусија за територијата и за безбедносните гаранции. Но, мислам дека најважниот дел е што претседателот ја изрази својата желба неговата решеност да стави крај на оваа војна“, изјави Мајкл Волц, советник за национална безбедност на САД.
Дискусијата беше сериозна и успешна, разговаравме, се запознавме и сега подобро се разбираме, уверуваат и руската и американската делегација. Датумот за средба на рускиот и американскиот претседател не е договорен, но се очекува таа да се случи.
„Москва и Вашингтон се договорија да почнат процес за решавање на конфликтот во Украина. Русија ќе назначи свој претставник откако Москва ќе добие информации за тоа кој ќе зборува во име на Вашингтон. Не само што се слушавме, туку и се слушнавме. Имам причина да верувам дека американската страна сега подобро ја разбира нашата позиција. Русија и САД успеаја да ги решат најмалку сериозните проблеми во односите, вклучително и реципрочното назначување пратеници и отстранување на некои ограничувања за дипломатските мисии“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Украина и Европа не беа поканети во Ријад, за што беше појаснето дека ова се строго билатерални разговори. Од Москва претходно ги повторија позициите, членството на Украина во НАТО е неприфатливо. Средбата Трамп и Путин е на повидок, шефот на Кремљ е подготвен да преговара со Зеленски доколку е потребно.
„Самиот Путин во повеќе наврати изјави дека доколку е потребно, ќе преговара со Зеленски. Во исто време, правната фиксација на договорите е предмет на сериозна дискусија, со оглед на реалноста што зборува за можноста за оспорување на легитимноста на самиот Зеленски“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Путин.
За Зеленски договор без учество на Киев во преговорите е невозможен.
„Математички, практично, не е можно да се изнуди каков било договор со Украина. Затоа што живееме во демократска земја и нашиот претседател е избран да го претставува украинскиот народ, а на таа маса седат и украинскиот народ и украинската армија. И ништо не може да се случи без наша согласност“, изјави Јуриј Сак, советник на министерот за стратешка индустрија на Украина.
Кина ги поздрави сите напори посветени на мирот, но очекува сите засегнати страни да учествуваат во преговарачкиот процес.
„Драго ни е што ги гледаме сите напори кои се погодни за мир, вклучително и договорот за мировен разговор постигнат меѓу САД и Русија. Исто така, се надеваме дека сите засегнати страни и вклучени страни ќе учествуваат во мировниот процес во соодветно време“, изјави Гуо Џиакун, портпарол на МНР на Кина.
Во Брисел средба на еврокомесарката Фон дер Лајен со специјалниот американски пратеник за Украина и Русија, Кит Келог, кој в четврток ќе го посети и Киев.
Маријана Димовска
