Сторија

Пожар го пеплоса домот на семејството Трифуноски во Ново Село

18.02.2025 16:34

Петнаесет минути биле потребни семејството Трифуноски да го изгуби сето она што 70 години го градело мачно и макотрпно. Вчера околу 12 часот целосно беше опожарен нивниот дом во Ново Село...

Петнаесет минути биле потребни семејството Трифуноски да го изгуби сето она што 70 години го градело мачно и макотрпно. Вчера околу 12 часот целосно беше опожарен нивниот дом во Ново Село.

Единствено семејните фотографии останаа да сведочат за топлината која зрачела од овој скромен дом и мирниот селски живот кој го живеела фамилијата Трифуноски. Пред два дена не ни помислувале дека нивниот мир ќе го нарушат пламените јазици кои им го одзедоа покривот над глава. Сè уште во длабока траума, несвесен за тоа што му се случило, Андреј Трифуноски раскажа како се обидел сам да го изгази пожарот, пробал се, но не успеал.

На минусни температури среде зима, фамилијата Трифуноски остана на улица. За среќа, во оваа мака им се најдоа пријателите што им обезбедиле куќа каде што привремено ќе престојуваат. Но четиричленото семејство едвај врзува крај со крај. Живее од скромната пензија на Маринко, која најмногу се троши на лекарства. Тој стравува дека години ќе бидат потребни додека обезбеди доволно финансии да го обнови семејниот дом. Со неверување и солзи во очите ја гледаше разурнатата куќа која во аманет му ја оставиле неговите родители.

Нивна последна надеж се надлежните институции, но и хуманите граѓани кои ги молат за помош за да ја издигнат својата куќа од пепелот.

Ова е сè што остана од опожарениот дом на семејството Трифуноски, си одиме од Ново Село со надеж дека граѓаните, хуманите компании и државата ќе им помогне да го обноват нивниот разурнат дом.

Викторија Милевска