Зеленски ја одложи посетата во Ријад
Вели дека преговорите за ставање крај на војната не треба да се одвиваат „зад грбот“ на инволвираните страни...

Украинскиот претседател Зеленски кој не го криеше незадоволството од американско-руските разговори во Ријад без негово присуство на преговарачката маса, ја одложи денешната планирана средба на Саудиска Арабија за 10 март, не сакајќи неговата посета на било кој начин да биде поврзана со овие дискусии. Вели дека преговорите за ставање крај на војната не треба да се одвиваат „зад грбот“ на инволвираните страни.
„Од клучно значење е какви било преговори за завршување на војната да не се случуваат зад грбот на клучните страни погодени од руската агресија. Украина и Европа – во широка смисла, Турција и Британија – мора да бидат вклучени во разговорите и развојот на неопходните безбедносни гаранции кои влијаат на судбината на нашиот дел од светот, заедно со Америка“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Трамп се спротивстави на приговорите на Украина за нејзиното исклучување од разговорите.
„Многу сум разочаран што слушам дека тие се вознемирени поради тоа што немаат место. Па, тие имаа место три години и долго време пред тоа. Ова можеше да се реши многу лесно. Само половичен преговарач можеше да го реши ова пред многу години без да загуби многу земја и градови и животи“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Во истовреме, полскиот претседател Дуда по средбата со американскиот пратеник за Украина Келог соопшти дека САД му дале гаранции дека немаат намера да го намалат своето воено присуство во регионот.
