Макрон свика нов итен состанок за Украина
Францускиот претседател Макрон свика нов итен состанок на европските лидери по почетокот на разговорите Вашингтон-Москва за војната во Украина. Претседателот Зеленски одби прифаќање каков било договор во кој нема да учествува Киев. Американскиот претседател Трамп се налути, тврди дека доколку тој бил претседател кога избувнала војната ќе издејствувал многу подобар договор за Украина...

Франција организира нов состанок за Украина со фокус на одржаните преговори меѓу Вашингтон и Москва во Ријад. Макрон загрижен дека Трамп може повторно да го придвижи полезниот дијалог со Путин, чија средба би можела да се случи веќе идната недела.
„Трамп уште еднаш создава стратешка двосмисленост за Путин користејќи многу силни зборови и создавајќи несигурност што може да помогне да се изврши притисок“, изјави Макрон.
Украинскиот претседател Зеленски кој не го криеше незадоволството од американско-руските разговори во Ријад без негово присуство на преговарачката маса, ја одложи денешната планирана средба на Саудиска Арабија за 10 март, не сакајќи неговата посета на кој било начин да биде поврзана со овие дискусии. Вели дека преговорите за ставање крај на војната не треба да се одвиваат зад грбот на инволвираните страни.
„Од клучно значење е какви било преговори за завршување на војната да не се случуваат зад грбот на клучните страни погодени од руската агресија. Украина и Европа – во широка смисла, Турција и Британија – мора да бидат вклучени во разговорите и развојот на неопходните безбедносни гаранции кои влијаат на судбината на нашиот дел од светот, заедно со Америка“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Трамп приговара на спротивставувањето на Украина за нејзиното исклучување од разговорите во Ријад. Вели дека има моќ да ја заврши војната која никогаш не требало ниту да почне.
„Го гледам ова три години, тоа е војна која никогаш немаше да случи ако јас бев претседател. Гледам како луѓето се убиваат, нешто што не сте виделе ни блиску од Втората светска војна. Имаа место на масата пред три години, и многу пред тоа. Ова можеше да се реши многу лесно. Слушам – не бевме поканети. Па вие сте таму три години. Требаше да ја завршите војната пред три години, никогаш не требаше ниту да ја почнете. Ниту една купола немаше да биде урната, но избраа да не го прават тоа“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Во истовреме, полскиот претседател Дуда по средбата со американскиот пратеник за Украина Келог соопшти дека САД му дале гаранции дека немаат намера да го намалат своето воено присуство во регионот.
Бојана Крстевски
