Свет

Нов состанок на ЕУ за Украина, Макрон загрижен за постапките на Трамп

19.02.2025 12:40

Францускиот претседател Макрон свика нов итен состанок на европските лидери по почетокот на разговорите Вашингтон-Москва за војната во Украина. Претседателот Зеленски одби прифаќање каков било договор во кој нема да учествува Киев. Американскиот претседател Трамп се налути. Тврди доколку тој бил претседател кога избувнала војната ќе издејствувал многу подобар договор за Украина…

Франција организира нов состанок за Украина со фокус на одржаните преговори меѓу Вашингтон и Москва во Ријад. Макрон загрижен дека Трамп може повторно да го придвижи полезниот дијалог со Путин, чија средба би можела да се случи веќе идната недела.

„Трамп уште еднаш создава стратешка двосмисленост за Путин, користејќи многу силни зборови и создавајќи несигурност што може да помогне да се изврши притисок“, изјави Макрон.

Истовремено во Киев средба на американскиот пратеник за Украина, Келог со Зеленски.

„Да се осигураме дека ќе го направиме она што е правилно. Оваа војна трае три години. Трамп е во право кога вели дека таа немаше ниту да почне ако тој беше претседателТој ја разбира штетата што ја гледаме и сакаме да видиме како таа завршува“, изјави Кит Келог, претставник на САД за Украина.

Зеленски кој не го криеше незадоволството од американско-руските разговори во Ријад без негово присуство, ја одложи планираната средба во Саудиска Арабија. Вели дека преговорите за ставање крај на војната не треба да се одвиваат зад грбот на инволвираните страни.

„Од клучно значење е какви било преговори за завршување на војната да не се случуваат зад грбот на клучните страни погодени од руската агресија. Украина и Европа – во широка смисла, Турција и Британија – мора да бидат вклучени во разговорите и развојот на неопходните безбедносни гаранции кои влијаат на судбината на нашиот дел од светот, заедно со Америка“, нагласи украинскиот претседател Зеленски.

Трамп приговара на спротивставувањето на Украина за нејзиното исклучување од разговорите во Ријад. Вели дека има моќ да ја заврши војната која никогаш не требало ниту да почне.

„Тоа е војна која никогаш немаше да случи ако јас бев претседател. Имаа место на масата пред три години, и многу пред тоа. Ова можеше да се реши многу лесно. Слушам – не бевме поканети. Па вие сте таму три години. Требаше да ја завршите војната пред три години, никогаш не требаше ниту да ја почнете“, нагласи американскиот претседател Доналд Трамп.

Москва задоволна од забелешките на Трамп по разговорите во Ријад.

„Тој е првиот и единствениот западен лидер кој јавно и гласно кажа дека една од основните причини за украинската ситуација е дрската линија на претходната администрација за вовлекување на Украина во НАТО. Ова е сигнал дека ја разбира нашата позиција“, изјави шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.

ЕУ најави нов пакет санкции за Русија кои треба да се усвојат в понеделник на тригодишнината од руската инвазија.

Бојана Крстевски

 

Фото: АФП