Локална самоуправа

Перински во Ѓорче Петров: Продолжуваме со балансиран развој на цела општина за подобра иднина на сите

19.02.2025 18:14

Според министерот Перински, Ѓорче Петров е една од скопските општини која покрај урбаниот, има значителен и рурален дел, што претставува голем предизвик за одржување на баланс за еднакви можности за сите граѓани.

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со неговиот заменик, Ерџан Селими, денеска ја посетија скопската Општина Ѓорче Петров, како дел од теренските посети на општините „Каде што срцето е дома“. Одржаа работна средба со градоначалникот Александар Стојкоски и членовите на општинскиот Совет, на која разменија мислења за актуелните измени на Законот за локална самоуправа, зборуваа за предизвиците со кои се соочува Општината, нејзините тековни проекти, како и за подготвеноста за учество на вториот јавен повик за финансиска поддршка на инфраструктурни проекти, кои ќе се финансираат од државниот буџет.

Според министерот Перински, Ѓорче Петров е една од скопските општини која покрај урбаниот, има значителен и рурален дел, што претставува голем предизвик за одржување на баланс за еднакви можности за сите граѓани.

„Ме радуваат напорите на градоначалникот Стојкоски и целиот труд кој го вложува и балансирано инвестира и во руралниот и во урбаниот дел, бидејќи само тоа е формулата по којашто може успешно да се развива една локална самоуправа. Министерството во рамки на своите можности и ингеренции и натаму ќе продолжи да биде поддршка и партнер на Општината, а тука е и поддршката од Владата, со што заедно ќе продолжиме да се движиме кон поразвиена и поуспешна иднина за сите“, истакна министерот Перински.

На средбата се дискутираше за фискалната децентрализација, општинските советници побараа да се разгледа можноста во Законот за локална самоуправа да се вметне механизам со кој советниците ќе бидат обврзани да присуствуваат на состаноците на општинските комисии, а беше предложено и да се покрене иницијатива за враќање на старите меѓуопштински граници со што би се решиле повеќе проблеми со кои се соочуваат жителите.

Градоначалникот Стојкоски, изрази задоволство од досегашната соработка со Министерството и Владата и ја поздрави иницијативата за теренските посети на општините, оценувајќи ги како исклучително битни, исто како и владината финансиска поддршка за реализација на инфраструктурни општински проекти.