Јаневска: Продолжува поддршката за младите за студирање на најдобрите светски универзитети
Владата и Министерството за образование и наука продолжуваат да обезбедуваат финансиска поддршка за граѓаните на Македонија кои ќе се запишат на додипломски, постдипломски или докторски студии на некој од најдобрите светски универзитети според Шангајската ранг-листа...

Владата и Министерството за образование и наука продолжуваат да обезбедуваат финансиска поддршка за граѓаните на Македонија кои ќе се запишат на додипломски, постдипломски или докторски студии на некој од најдобрите светски универзитети според Шангајската ранг-листа. Конкурсите за доделување на стипендии за академската 2025-2026 година се објавени, а крајниот рок за аплицирање е 12 септември.
За ова денеска информираше министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, која потсети дека станува збор за мерка што веќе 15 години ја спроведува државата, но овој пат, со одредени модификации на условите за корисниците по стекнувањето на дипломата.
На конкурсите можат да аплицираат македонски граѓани кои во академската 2025/2026 година ќе се запишат на еден од првите десет рангирани универзитети од сите области, односно на еден од првите сто рангирани универзитети од областа на техничките науки, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното право, економијата и финансиите, физиката, биологијата, хемијата, медицинските науки и генетиката, согласно последната објавена листа на Центарот за универзитети од светска класа при Шангајскиот Џио Тонг универзитет.
Кандидатот треба да има соодветно претходно образование и соодветен просечен успех кој е наведен во конкурсот и да не е корисник на било каква стипендија од друг давател во моментов. За стипендистите останува обврската по стекнувањето на дипломата, да се вратат во Македонија и да работат двојно повеќе време од времето на студирањето.
Ако пак студентот, во рок од три месеци по дипломирањето се вработи во некоја компанија од Fortune top 500 листата во странство, тогаш надвор од Македонија може да остане најмногу до три години, со цел, како што рече министерката, стекнување на меѓународно корпоративно искуство, по што почнува да му тече обврската да работи во својата држава двојно повеќе време од времето на студирање.
Осврнувајќи се на дигиталниот регистар на стипендисти во странство, Јаневска посочи дека целта е во него да се пријават сите завршени и тековни студенти во странство кои користат стипендија од МОН, за да може државата да има увид во состојбата на секој стипендист.
Регистарот содржи податоци за студентот, видот на студиите, периодот на студирање, работен статус, контакт податоци и слично и секој ќе треба најмалку еднаш годишно да ги ажурира своите податоци доколку има било каква промена. Студентот може да одбере неговиот профил да биде видлив и така полесно ќе се вмрежува со други студенти, со научни и образовни установи и со работодавачи.
Јаневска ги повика сите заинтересирани да ги погледнат условите во конкурсите и доколку ги исполнуваат, да ја искористат можноста што досега ја искористија околу 400 македонски граѓани, да го надградат своето знаење на реномирани светски универзитети.
