Македонија

Министерството за правда го токми предлогот за разрешување на Коцевски

19.02.2025 16:34

Правда го подготвува барањето за разрешување на републичкиот јавен обвинител Коцевски. Тој пак изјави дека ќе се повлече само ако се утврди дека направил тешка дисциплинска повреда. Американската амбасадорка во земјава Агелер вели – внимателно ги следиме состојбите во правосудството…

Министерството за правда го токми предлогот за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски. Откако Владата на седница донесе заклучок дека е потребна негова смена, од ресорот велат – документот наскоро ќе биде готов и проследен за мислење до Советот на јавните обвинители.

Во меѓувреме, ниту странскиот фактор не ги игнорира случувањата во судството и обвинителството. Американската амбасадорка Агелер вели – САД набљудува дали се почитуваат законите.

Кој го партизирал, а кој допрва ќе го партизира правосудството – меѓусебни обвинувања на политичките партии.

Социјалдемократите во разрешувањето на Коцевски гледаат обид за инсталација на партиски послушник од ВМРО-ДПМНЕ, додека владејачката партија порачува – смена на обвинителот е неопходна оти ги штител криминалите на СДСМ и ДУИ.

Првиот човек во обвинителството тврди оти работел чесно и не го кршел законот.

Анита Димитријевска – Велковска