трговија

Граѓаните очекуваат пониски цени, трговците незадоволни од мерката за маржите

19.02.2025 16:15

Граѓаните очекуваат да се намалат цените на производите, трговците на големо и мало загрижени по одлуката на Владата за ограничување на маржите според која треба да поевтинат над 1.000 производи. Бараат средба со премиерот Мицкоски...

Граѓаните конечно очекуваат намалување на цените на храната откако Владата реши да ги ограничи маржите и да замрзне цени на некои производи. Маркетите треба да ги означат производите со етикета „помалку трошоци, повеќе за тебе“ и да обезбедат најмалку 70% од количините кои ги имале во јануари.

И додека Владата прави нов обид за намалување на цените, дел од земјоделците стравуваат од несакани ефекти.

Одлуката за ограничување на маржите на 102 групи производи предизвика незадоволство кај трговците. Со вакви избрзани одлуки се нанесува значителна штета, велат тие.

„Бараме итна средба со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши за да ги разгледаме последиците од овие одлуки. Сакаме да се земат предвид аргументираните предлози на компаниите од трговската дејност“, соопштуваат од Комората на трговци на големо и мало.

Владата реши да дејствува со две мерки. Со едната се ограничуваат маржите од 5% до 15% за 100 групи производи, а со другата се замрзнуваат цените за 8 продукти – за лебот, брашното, киселото млеко, јајцата, маслото, односно најкупуваните ќе имаат маржи од 5%.

Одлуката ќе стапи во сила откако ќе биде објавена во Службен весник. Пазарниот инспекторат секојдневно ќе контролира. Ако се утврдат неправилности, казните се и до 20.000 евра.

Борис Грујоски