Зеленски: Трамп живее во простор на дезинформации создадени од Москва
Средбата Трамп – Путин би можела да се случи уште овој месец, соопштија од Кремљ. Украинскиот претседател Зеленски не го крие незадоволството од американско-руските разговори без негово присуство. По Брисел, во Киев допатува американскиот пратеник за Украина, Келог...

Средбата Трамп – Путин би можела да се случи уште овој месец, соопштија од Кремљ. Украинскиот претседател Зеленски не го крие незадоволството од американско-руските разговори без негово присуство.
„Дискусијата за нивните билатерални прашања во Саудиска Арабија е нивно право, иако верувам дека САД му помагаат на Путин да излезе од долгогодишна изолација, наметната апсолутно праведно по инвазијата. Никој не се нервира, подготвени сме на се“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Зеленски не пропушти да укаже дека Трамп живее во простор на дезинформации создадени од Москва. Иако најавен за утре, Кит Келог, специјалниот пратеник на шефот на Белата Куќа за Украина, пристигна денеска во Киев.
„Соединетите Американски Држави ги разбираат потребите за безбедносни гаранции во секој мировен договор меѓу Русија и Украина и ја признаваат важноста на украинската независност и суверенитет. И дел од мојата мисија е да седам, да слушам и да кажам: Во ред, што ве загрижува?“, рече Кит Келог, специјален пратеник на САД.
Киев можеше да постигне договор, војната никогаш не требаше да почне, вели американскиот претседател и оцени дека на Украина и се потребни избори.
„Тоа е војна која никогаш немаше да случи ако јас бев претседател. Имаа место на масата пред три години, и многу пред тоа. Ова можеше да се реши многу лесно. Слушам – не бевме поканети. Па вие сте таму три години. Требаше да ја завршите војната пред три години, никогаш не требаше ниту да ја почнете“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
По вчерашниот состанок со американската делегација, шефот на руската дипломатија Лавров вели дека односите со Вашингтон почнале да се нормализираат.
„Тој е првиот и единствениот западен лидер кој јавно и гласно кажа дека една од основните причини за украинската ситуација е дрската линија на претходната администрација за вовлекување на Украина во НАТО. Ова е сигнал дека ја разбира нашата позиција“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Средбата во Ријад одново ја мобилизираше Европа. Франција на нов состанок со неколку европски земји и држави кои не се дел од европскиот континент. Безбедноста на Европа и нашата способност да се браниме се загрозени, Американците очигледно остануваат наши сојузници, но ние повеќе не смееме да зависиме од нив за нашата безбедност, велат од француската влада.
„Денес, од суштинско значење е да ја преземеме моќта што е наша и да го обновиме моделот на суверенитет и независност во нестабилно и многу опасно време. Не може да има траен мир во Украина без Украинците и Европејците. Суверенитетот на Украина и безбедноста на Европа се неразделни. Украинците одлучуваат кога и под кои услови да преговараат“, нагласи Софи Примас, портпаролка на француската влада.
Европа по отворањето на клаузулата за инвестиции во одбраната планира проекти вредни 500 милијарди евра. Војната досега го чинеше Киев 320 милијарди долари, објави Зеленски.
Маријана Димовска
