Уставниот суд поведе постапка за оценување на стажот на членовите на Советот на јавни обвинители
Оваа одлука е резултат на иницијативата поднесена од обвинителката Ленче Ристоска, која го оспори Член 4 став 7 од Деловникот за работа на Советот.

Уставниот суд на Република Македонија донесе одлука да поведе постапка за оценување на стажот на членовите на Советот на јавни обвинители кои се избрани од редот на јавните обвинители.
Оваа одлука е резултат на иницијативата поднесена од обвинителката Ленче Ристоска, која го оспори Член 4 став 7 од Деловникот за работа на Советот.
Според оспорената одредба, мандатот на овие членови се смета за позитивно оценет јавно-обвинителски стаж, освен во случаи предвидени во член 35-а од Законот за Советот на јавните обвинители.
Во иницијативата е наведено дека оспорената одредба е во спротивност со Амандманот XXX од Уставот, членот 7 од Законот за Совет на јавни обвинители и членовите 36 и 62 од Законот за јавното обвинителство.
Подносителката наведува дека за времетрањето на мандатот, членовите на Советот на јавни обвинители избрани од редот на јавните обвинители не вршат јавно-обвинителска функција и не може да бидат оценувани, односно тие во конкретниот период не може да реализираат „позитивно оценет јавно-обвинителски стаж“.
Се тврди дека станува збор за прашање кое не може да се уредува со Деловник, бидејќи изворно не е уредено со законски пропис, па се остава впечаток дека членовите сами си доделиле право и поволност кои Законодавецот не им го гарантирал.
Од ова придобивка имаат самите членови кои по завршување на мандатот во Советот на јавни обвинители се унапредени во повисоки позиции во јавните обвинителства, се наведува во иницијативата.
