Путин: Со САД се согласивме да ја продолжиме нормалната работа на дипломатските претставништва
Средбата Трамп – Путин би можела да се случи уште овој месец, соопштија од Кремљ. Рускиот претседател вели дека во Ријад е направен првиот чекор со повторното воспоставување на дипломатските односи. Зеленски незадоволен од американско-руските преговори. Трамп побара нови избори во Украина, смета дека војната можела да заврши порано. Во Франција, нов самит.

Путин е согласен да се сретне со американскиот колега Трамп до крајот на месецот. Ги продолжуваме дипломатските односи, прва оценка на шефот на Кремљ и го посоветува Зеленски и европските лидери.
„Зошто сте хистерични. Хистеријата е несоодветна. За преговарачкиот процес, претседателот Трамп ми кажа за време на телефонскиот разговор, можам да потврдам. Се разбира, САД прифаќа дека преговорите ќе се одржат со учество и на Русија и на Украина, никој не ја исклучува Украина, нема потреба од вакви реакции за американско – рускиот состанок“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Зеленски негативно ги коментираше преговорите во Ријад. Трамп живее во простор на дезинформации создадени од Москва. Украинскиот претседател ја одби американската понуда од 500 милијарди долари за ретките минерали.
„Дискусијата за нивните билатерални прашања во Саудиска Арабија е нивно право, иако верувам дека САД му помагаат на Путин да излезе од долгогодишната изолација, наметната апсолутно праведно по инвазијата. Никој не се нервира, подготвени сме на се“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Иако најавен за утре, Кит Келог, специјалниот пратеник на шефот на Белата куќа за Украина, пристигна денеска во Киев. Киев можеше да постигне договор, војната никогаш не требаше да почне, вели американскиот претседател и оцени дека на Украина и се потребни избори.
„Имаа место на масата пред три години, и пред тоа. Ова можеше да се реши многу лесно. Слушам – не бевме поканети. Па вие сте таму три години. Требаше да ја завршите војната пред три години, никогаш не требаше ниту да ја почнете“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД
Средбата во Ријад одново ја мобилизираше Европа. Макрон со нов самит со европските лидери и шефови на земји кои не се дел од континентот. Безбедноста на Европа и нашата способност да се браниме се загрозени, Американците очигледно се наши сојузници, но ние повеќе не смееме да зависиме од нив, велат од француската влада.
„Од суштинско значење е да ја преземеме моќта и да го обновиме моделот на суверенитет и независност во нестабилното и многу опасно време. Не може да има траен мир во Украина без Украинците и Европејците. Суверенитетот на Украина и безбедноста на Европа се неразделни. Украинците ќе решат кога и под кои услови ќе преговараат“, изјави Софи Примас, портпаролка на француската влада.
Европа по отворањето на клаузулата за инвестиции во одбраната планира проекти вредни 500 милијарди евра. Војната досега го чинеше Киев 320 милијарди долари, објави Зеленски.
Маријана Димовска
