САД- Украина

Преговори за крај на војната во Украина

20.02.2025 09:36

Војната во Украина мора да се заврши, Русија ја држи картата за какви било мировни преговори, истакна американскиот претседател. Трамп со остри критики за Зеленски го нарече диктатор кој бега од избори. Евроспките лидери велат дека е опасно да се спори легитимитетот на демократски избран претседател. Во Украина е специјалниот пратеник на САД, Келог...

Русија ја држи картата во какви било мировни преговори за ставање крај на војната во Украина бидејќи зазеде многу територија, вели американскиот претседател. Трамп го нарече Зеленски диктатор и одново го критикуваше дека ги отфрла изборите и има ниско ниво на поддршка во украинските анкети.

„Еден скромно успешен комичар, претседателот Зеленски, им рече на Соединетите Американски Држави да потрошат 350 милијарди долари за да влезат во војна што во основа не можеше да се победи, која никогаш не требаше да почне и никогаш немаше да почне ако јас бев претседател. Одбива да има избори, бавен е. Диктатор без избори. На Зеленски му е подобро да се движи брзо. Нема да му остане земја. Мора да се движи брзо затоа што таа војна оди во погрешна насока. Во меѓувреме, ние успешно преговараме за крај на војната со Русија“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Острите тонови од Вашингтон следуваат откако украинскиот претседател рече дека Трамп живее во дезинформациски простор создаден од Москва. Од изјавата на Трамп се огради лидерот на мнозинството во Сенатот, Џон Тун. Водачот на демократите, Шумер, со критики за американскиот претседател.

„Она што го поддржувам е мирен исход и резултат во Украина. Во моментов администрацијата, претседателот и неговиот тим работат на постигнување на тоа. И мислам дека сега треба да им дадете малку простор“, изјави сенатор Џон Тун, лидер на републиканците во Сенатот.

„Наместо да ја зборува вистината, наместо да ја признае улогата на Владимир Путин во започнувањето на оваа војна, претседателот Трамп, неверојатно, ја обвини Украина за инвазијата. Ако сега му попуштиме на Путин, Америка неизбежно ќе ја плати цената подоцна. Тоа го покажа историјата“, изјави сенатор Чак Шумер, лидер на демократите во Сенатот.

Некои европски лидери велат оти е опасно да се спори легитимитетот на Зеленски кој е избран на демократски начин.

„Русија беше таа што ја почна војната. Претседателот Зеленски е избран на демократски начин. Верувам дека никој не сака избори повеќе од Украина, бидејќи изборите би значеле дека е воспоставен мирот и дека тие можат повторно да одлучуваат за својата земја“, изјави Улф Кристерсон, премиер на Шведска.

Во Киев е специјалниот пратеник на САД, Кит Келог. Средбата следува по состанокот во Ријад меѓу САД и Русија, за која Украина изрази незадоволство. Од билатералниот состанок во Судиска Арабија незадоволни и членките на ЕУ. Францускиот претседател одржа уште еден самит за Украина, а идната недела ќе го посети Вашингтон. Во истиот период во САД ќе патува и британскиот премиер Кир Стармер, потврди советникот за национална безбедност на Трамп, Волц.

 

Маријана Димовска