Туристичките работници бараат субвенции за чартер летови
Македонските туристички работници бараат од надлежните во оваа дејност измени на правилникот за доделување субвенции со што би се зголемил бројот на чартерите со странски туристи...

Здружението на хотелиери бара субвенции за секој донесен патник од соседните и околните земји да изнесува 45 евра, но исклучиво за оние патници што ќе бидат превезувани со туристички чартер летови, или во помали групи ќе можат да пристигнуваат во Република Македонија со редовниот авионски превоз.
„На овој начин сакаме да им помогнеме на тур операторите да инвестираат во туристички чартер летови со кои би ја зголемиле посетеноста на гостите од овие земји“, вели претседателот на ХОТАМ, Дончо Таневски.
Во насока на рамномерен развој на сите туристички региони според Лилјана Попоска, треба да се пријде кон изработка на нова стратегија за развој на туризмот, со образложение дека старата престанала да важи во 2013- та година.
„Дополнително Министерството треба да подготви и стратегија за развој на туризмот во охридско- струшкиот регион, како носечки регион за туризмот во Македонија и секако тоа треба да биде проследено со стратегии и во другите региони. Она што би требало да биде нова задача на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во следниот период според мене е регионализацоја на таа агенција“, подвлече Лилјана Попоска.
Според ХОТАМ ефектот од субвенционирањето од 2011 година наваму покажал многу позитивни резултати. Без разлика дали некој гостин троши помалу или повеќе пари, во угостителството секој гостин е секогаш во право. Без разлика на неговата куповна моќ, наша обврска е да работиме на изнаоѓање долгорочни стратегии, додаваат од ХОТАМ.
„Мое мислење е дека треба да се направи подолгорочна стратегија каде и на кои правци да се обрне повеќе внимание и да се субвенционираат некои летови, да се искористи Охридскиот аеродром, да се помисли околу водениот транспорт“, додаде Крсте Блажески, заменик претседателот на ХОТАМ.
Туристичките работници се надеваат дека со заедничко работење на Агенцијата за промоција на туризмот, туристичките агенции и присуството на туристички манифестации, саеми и презентации ќе се постигне поголем развој на туризмот во Македонија.
Јованчо Наумоски
