Фестивал на нова македонска музика – „Земјотрес 13“
Фестивалот во МКЦ ќе понуди извонредна музичка програма на 20 музички изведувачи (бендови, соло музичари, продуценти и диџеи на електронска музика) на 3 сцени (сала 25 мај, фоајето на кино Фросина и МКЦ клуб) ...

На 1 март во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржи 13-то по ред издание на ФЕСТИВАЛОТ ЗЕМЈОТРЕС, единствена музичка платформа во земјава, која ја претставува најновата музика издадена од македонската алтернативна сцена на талентирани автори и музичари. Уникатен во концептот, како целовечерен настан од голем обем, фестивалот нуди разновидна и богата програма. Во фокус ги става младите и надоаѓачки таленти, овозможувајќи простор и за веќе докажани музичари да претстават дел од својата најнова продукција.
И оваа година, фестивалот во МКЦ ќе понуди извонредна музичка програма на 20 музички изведувачи (бендови, соло музичари, продуценти и диџеи на електронска музика) на 3 сцени (сала 25 мај, фоајето на кино Фросина и МКЦ клуб). Единствен простор во градот кој може да вдоми во текот на една вечер 9-часовна музичка програма и прекрасна градска публика – безмалку две илјади посетители.
На „Земјотрес 13“ ќе настапи дел од најмладата и надоаѓачка музичка сила на бендови, соло изведувачи и електронски музичари, некои од нив со прв настап во живо. Од младата генерација ќе се претстават: Tsar Von Time (Битола), Nikartik (Штип), Елена Васова (Скопје), Љубен Дерибан ака L.O.V.D (Скопје), LV$T (Скопје), Lost in Reverie (Скопје), Мартина Пенева (Скопје), Ruststained (Скопје) и Анастазија Голчева ака Speysd (Скопје).
Со неколку изданија зад себе, веќе добро познати на публиката ќе настапат и Martix (Кочани), Grinsen (Скопје) и Fiction (Скопје). Тука се и ветераните на алтернативниот инди психоделичен рок Д.Н.О. (Скопје) кои ќе се претстават со нов албум. Помеѓу веќе признаените музичари, програмата ќе ја надополнат и џез составите Светлост и триото АУМ од Скопје. За првпат на „Земјотрес“ ќе настапи музичко-поетскиот проект на Оливер Митковски и Адреја Салпе Поетроника (Скопје), чии настап во живо е музичко-прозно-визуелно доживување. Тука се и добро познатите YÖU (Скопје) со посебен израз на емо, панк и хард кор.
Помеѓу претставниците на електронскиот звук ќе настапат и Виктор Апо и енергичните Петков и Мораитов од ОВЦ колективот со „back to back“ сет од Скопје. И секако Нема Лабаво (Скопје) уште еден состав на музички ветерани, кои претходно членувале во бројни панк-рок состави, овој пат, водени од лидерот на бендот на Ѓоко Зафировски – Sean.
Кор тимот, кој стои зад ова издание на фестивалот се: Филип Тасевски, Виолета Качакова и Тејка Васиљевиќ.
Загревање во пресрет на фестивалот ќе се случи на 22 февруари во ноќниот клуб „Минус Еден“, каде со диџеј сет ќе настапат најмладите надежи Мик и Петел Јаваше. Влезот е бесплатен, а настанот почнува во 21 часот.
Билетите по пристапна цена за целовечерна програма од 20 изведувачи изнесува 500 денари, со 600 денари на денот на настанот. Билетите се достапни онлајн на bileti.mkc.mk или на билетарницата на МКЦ. Програмата започнува во 21 часот и ќе трае од 04 часот по полноќ.
