Смена во обвинителството

Меџити: За наследник на Коцевски не се разговара, потребен е професионалец кој ќе ја врати довербата

20.02.2025 11:37

Министерството за правда го подготвува предлогот за разрешување на републичкиот обвинител Љупчо Коцевски. За имиња за негов наследник не се разговара, тврди вицепремиерот Меџити, но владините партнери се согласни дека е потребно враќање на довербата во правосудството…

Откако Владата на седница донесе заклучок дека е потребна смена на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, во Министерството за правда го финализираат документот, кој ќе се проследи за мислење до Советот на јавните обвинители. Вицепремиерот Изет Меџити не открива детали. Вели дека не се разговарало за персоналното решение, туку дека тој треба да биде професионалец од својата област.

„Не зборуваме за име, зборуваме дека треба да биде професионалец, посветен, кој ќе придонесе да се врати довербата на граѓаните во судството и во обвинителството“, нагласува вицепремиерот Меџити.

А власта и опозицијата продолжуваат со меѓусебните обвинувања кој го партизира обвинителството. Според социјалдемократите, разрешувањето на Коцевски е обид на ВМРО-ДПМНЕ за инсталација на партиски послушник, додека владејачката партија со став-смената на обвинителот е неопходна бидејќи, како што велат, ги штител криминалите на СДСМ и ДУИ.

Да се почитува законот, порача пак американската амбасадорка Анџела Агелер, по барањата на власта за оставки од страна на државниот обвинител Љупчо Коцевски и петтемина членови на Судскиот совет избрани од Собранието. Првиот човек во обвинителството тврди оти работел чесно и не го кршел законот.

Министерството за правда го подготвува предлогот што Владата ќе го испрати до Советот на јавни обвинители за разрешување на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

Андријана Ѓурческа