Хамас ги предаде телата на четворица починати заложници, викендов нова размена
Хамас му ги предаде на Израел телата на четворица мртви заложници, меѓу кои и деца. „Ова е тежок ден за нас“, рече премиерот Нетанјаху, кого милитантите го портретираа како вампир. Викендов нова размена на живи израелски заложници за палестински затвореници…

Пред толпа жители на енклавата, маскираните борци на Хамас ги предадоа ковчезите со останките на четворицата израелски заложници. Телата на мајка и нејзините две деца, како и телото на 84-годишник ветеран и мировен активист беа преземени од екипите на Црвениот крст и однесени на обдукција. На плоштадот на заложниците во Тел Авив, на голем екран беа прикажани фотографии и вредеа од семејството Бибас, меѓу нив и 9-месечното бебе кое беше најмладиот заложник киднапиран од палестинските милитанти. Ова ќе биде многу тежок ден за израелскиот народ, рече премиерот Нетанјаху.
„Шокантен ден, ден на тага. Враќаме дома четворица наши драги заложници, мртви. Ги гушкаме семејствата, а срцето на цел народ е распарчено. И срцето на целиот свет треба да биде распарчено, бидејќи сега се гледа со кого имавме работа, имаме работа со чудовишта. Тагуваме, боледуваме, но решени сме да се погрижиме вакво нешто никогаш да не се повтори“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.
Хамас тврди дека заложниците биле убиени во воздушните напади на израелските одбранбени сили во Газа. И додека трае кревкиот мир во енклавата, раселените жители и натаму секојдневието го минуваат под шатори, мечтаејќи за обнова на нивните разурнати домови.
„Дождот, ветерот и студот дополнително ни го отежнуваат животот. Но, нашата куќа е целосно разрушена, немаме место каде да се загрееме“, изјави Шахд Омар Саадијах, раселен Палестинец.
„Студот е неподнослив, а силните ветрови предизвикаа значителна штета на нашиот импровизиран шатор. Внатре во шаторот се е поплавено, моите деца се во вода. Во многу лоша состојба сме“, изјави Лејла Абу Аси, раселена Палестинка.
Првата фаза од договорот за примирје е пред крајот. Израел и Хамас договорија забрзување на размената. В сабота се очекува ослободување на уште шестмина преживеани израелски заложници, во замена за стотици палестински затвореници. Следува втората, потешката фаза за која допрва треба да се преговара.
Маја Стојанова
