Пожар во стан во Кисела Вода, повредени станари, пожарникар и полицаец
Апарат за олеснување на дишењето – најверојатна причина за пожарот во станбената зграда во Кисела Вода. Четворица се повредени, општината најави помош...

Брачната двојка сопственици на опожарениот стан се повозрасни лица, едниот од нив имал хронична белодробна болест и користел апарат за олеснување на дишењето. Според сведоштвата на нивните деца, токму вклучувањето на апаратот предизвикало прво чад, а потоа и пожар. Останале живи благодарение на брзата интервенција на противпожарната служба и полицијата. Тие се во болница и во стабилна здравствена состојба.
Потемнетите ѕидови на зградата и мирисот на чад сведочат за тешката ноќ. Во пожарот зафатени и други станови.
Жителите на зградата во текот на ноќта биле евакуирани и пренесени во општинската зграда. Градоначалникот Ѓорѓиевски најави финансиска помош.
Пожарот за неколку часа бил изгаснат од екипата на Бригадата за противпожарна заштита. Се вршеше увид за утврдување на причината.
Четири повредени лица. Двајцата станари, еден полицаец и еден пожарникар кои интервенирале во пожарот кој синоќа избувна во стан во зграда во непосредна близина на општината Кисела Вода.
Марина Стојанова-Тонева
