Од денеска поевтинување на над 1.000 производи, владините одлуки стапија во сила
Почнуваат да важат владините одлуки за скалеста маржа на над илјада производи и за замрзнати цени на осумте најосновни. Надежите се дека ќе донесат поевтинување од околу 10 проценти, иако трговците негодуваа на ваквиот чекор на надлежните...

Вработените ги коригираат цените. Поевтинуваат над 1.000 производи, владините одлуки за ограничени профитни маржи и утврдена највисока цена стапија на сила.
Лебот, брашното, јајцата, млекото, маслото за јадење имаат ограничени маржи од 5 отсто до 30-ти април. Маржи од 10 отсто имаат месото и месните производи, шеќерот, кафето, тестенините, оризот, гравот и одредени алкохолни пијалаци. Додека цените на свежото овошје и зеленчукот, детергентите и средствата за лична хигиена, како и бебешката храна се со ограничени маржи за 15 отсто. Паралелно со одлуките, Владата ги обврза трговците да обезбедат најмалку 70 отсто од количините што ги имале го јануари. Граѓаните очекуваат поголема општествена одговорност од трговците.
Инспекторите се на терен. Екипирани во 50 тимови од кои 20 ќе контролираат во Скопје, а останатите во маркетите низ земјава. За непочитување на одлуките, казни и до 20 илјади евра.
„Инспекторите на Државниот пазарен инспекторат од денеска се на терен и ќе вршат контроли за да се утврди дали трговците постапиле во согласност со одлуките и во рамки на нивните надлежности“, соопштија од ДПИ.
Новите цени треба да се одразат на следната пресметка на синдикалната минимална кошница, која во февруари изнесува 63.773 денари, односно за 521 денар повеќе споредно со јануари.
Александра Велинова
