Блиски Исток

Нетанјаху го обвини Хамас за прекршување на договорот

21.02.2025 09:31

Израелските власти истражуваат можен терористички напад јужно од Тел Авив откако експлодираа три автобуси во Бат Јам. Воведени се рестрикции за палестинското движење и затворени делови од Западниот Брег. Во истовреме Нетанјаху го обвини Хамас за прекршување на договорот...

Израелските власти истражуваат можен терористички напад јужно од Тел Авив откако експлодираа три автобуси во Бат Јам. Воведени се рестрикции за палестинското движење и затворени делови од Западниот Брег. Во истовреме Нетанјаху го обвини Хамас за прекршување на договорот откако надлежните утврдиле дека едно од предадените тела не е мајката на двете деца на семејството Бибас и не припаѓа на ниту еден друг заложник. Милитантите засега без коментар.

„Тие не ја вратија Шири на нејзините мали деца, туку во ковчегот ставија тело на жена од Газа. Ќе дејствуваме решително да ја вратиме Шири дома заедно со сите наши заложници, и живите и мртвите, и ќе се погрижиме Хамас да ја плати целата цена за ова сурово и злобно прекршување на договорот“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

ОН го осудија Хамас за начинот на синоќешното предавање на ковчезите на заложниците опкружени со транспаренти и Нетанјаху прикажан како вампир.

„Генералниот секретар го осудува парадирањето на телата и изложувањето на ковчезите на починатите заложници на овој одвратен и ужасен начин. Според меѓународното право, секое предавање на останките на починатите мора да биде во согласност со забраната за сурово, нехумано и понижувачко постапување“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на генералниот секретар на ОН.

Утре треба да бидат разменети уште шест живи заложници за стотици палестински затвореници, по што треба да почнат преговорите за втората фаза од договорот.

Бојана Крстевски