Израелските власти истражуваат можен терористички напад јужно од Тел Авив
Телото на жената предадено од Хамас не е Шири Бибас-мајката на најмалите убиени заложници што ги држеа милитантите, потврдија властите во Израел. Хамас ќе ја плати цената за ова сурово прекршување на договорот-се закани Нетанјаху. ООН го осудија понижувачкото предавање на останките од Газа...

Израелските власти истражуваат можен терористички напад јужно од Тел Авив откако експлодираа три автобуси во Бат Јам. Воведени се рестрикции за палестинското движење и затворени делови од Западниот Брег.
„Можам да кажам дека имаше тајмер и експлозиви кои изгледаат исто во сите три автобуси“, изјави Хаим Саргароф, началник на полицискиот округ Тел Авив.
Истовремено, Израел го обвини Хамас за прекршување на договорот откако надлежните утврдиле дека едно од предадените тела не е мајката на двете деца на семејството Бибас и не припаѓа на ниту еден друг заложник. Од Институтот за форензика објавија и дека 83-годишниот ветеран Лифшиц бил убиен од терористите пред повеќе од една година.
„503 дена по масакрот, идентификувано е телото на господин Лифшиц, кој е убиен пред повеќе од една година во заробеништво, од 7 октомври 2023-тата“, изјави Чен Кугел, раководител на Националниот центар за судска медицина во Израел.
Нетанјаху се закани дека ќе се погрижи Хамас да ја плати цената.
„Тие не ја вратија Шири на нејзините мали деца, туку во ковчегот ставија тело на жена од Газа. Ќе дејствуваме решително да ја вратиме Шири дома заедно со сите наши заложници – и живите и мртвите – и ќе се погрижиме Хамас да ја плати целата цена за ова сурово и злобно прекршување на договорот“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Хамас соопшти дека се обиделе да ги одржат во живот затворениците, но дека тие биле убиени од израелската војска. Во истовреме, ОН го осудија Хамас за начинот на синоќешното предавање на ковчезите на заложниците опкружени со транспаренти, и Нетанјаху прикажан како вампир.
„Генералниот секретар го осудува парадирањето на телата и изложувањето на ковчезите на починатите заложници на овој одвратен и ужасен начин. Според меѓународното право, секое предавање на останките на починатите мора да биде во согласност со забраната за сурово, нехумано и понижувачко постапување“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на генералниот секретар на ОН.
Утре треба да бидат разменети уште 6 живи заложници за стотици палестински затвореници, по што треба да почнат преговорите за втората фаза од договорот.
Бојана Крстевски
