Немања Радуловиќ и „Ѓаволските трилери“ за 54-от роденден на „Охридско лето“

04.08.2014 11:32

Немања Радуловиќ се вбројува меѓу највпечатливите уметници од младата генерација на денешната музичка сцена, воодушевувајќи го аудиториумот со своите атрактивни настапи...

Оваа година „Охридско лето“ ќе го прослави 54-тиот роденден со спектакуларен концерт на српскиот виолинист Немања Радуловиќ, заедно со француски виолинистички квинтет „Ѓаволски трилери“, предводени од пијанистката Лор Фавр-Кан.

Радуловиќ минатата година беше дел од програмата на „Охридско лето“, но за разлика од лани кога настапуваше со изведба на класични дела, за ова роденденско издание тој ќе настапува со посебна програма, со композиции на „АББА“, Пуњани, Крајслер, Шопен, Масне, Берио, Вивалди, Бизе, Паганини, Шостакович, Хачатурјан, Вилијамс, Кустурица, Монти.

Немања Радуловиќ се вбројува меѓу највпечатливите уметници од младата генерација на денешната музичка сцена, воодушевувајќи го аудиториумот со своите атрактивни настапи.

Групата „The Devil's Trills“ - „Ѓаволските трилери“ беше создадена со цел да се преразгледа репертоарот за соло-виолина и тој да биде донесен до пошироката публика. Репертоарот на групата претставува една разновидна музичка палета – од Бах и Моцарт, преку романтичарите Чајковски, Бизе и други, сè до современата уметничка и филмска музика.

Концерот ќе се одржи на голмата сцена на Античкиот театар, со почеток од 21 часот.