Продолжи судењето за двојното убиство, обвинителството презентира докази
Ново судење на убиството на младата Вања и велешанецот Панче. Судот не го прифати барањето на првообвинетиот Палевски за изземање на обвинителките од предметот. На денешното рочиште обвинителството ги презентира доказите кои треба да докажат дека петмината обвинети се сторители на свирепотото убиство…

Со изведување на материјални докази предложени од Обвинителството, денеска во Кривичниот суд продолжи судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Во судница се изведуваат шест ЦД дискови со видеа од безбедносните камери поставени на куќата на обвинетиот Велибор Манев. Материјалот од безбедносните камери ги опфаќа деновите од 20-ти ноември до 3-ти декември 2023-та година со 24 часовен надзор. Овие докази, судот на почетокот на денешното рочиште ги прифати да бидат дополнително изведени по предлог на Обвинителството.
Судот, пред почетокот на денешното рочиште, го отфрли како неосновано барањето на првообвинетиот Љупчо Палевски, кој на минатото рочиште по втор пат побара да бидат изземени обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска, Ана Стојковиќ Димитровска кои го водат предметот, како и шефот на ОЈО Скопје Гаврил Бубевски. Причините поради кои Палевски бараше изземање, се, како што рече, злоупотреба на дејствувањето и пристрасност.
На минатото рочиште беа изведувани материјални докази од страна на Јавното обвинителство, кои вклучуваа предмети собрани од местото на настаните и извештаи од техничка обработка на возилото „Рено Кангу“.
Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27-ми и 24-ти ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3-ти декември 2023-та година.
