Свет

Украина во фокус на САД и ЕУ

21.02.2025 12:55

Динамичен развој на настаните поврзани со американскиот мировен план за Украина. На Самитот во Јужна Африка, групата дваесет најразвиени со поддршка до Трамп. Зеленски со помирливи тонови кон Трамп, по средбата со неговиот специјален пратеник во Киев, Кит Келог. Макрон ја подготвува стратегијата за средбата со шефот на Белата куќа во Вашингтон најверојатно наредната недела. На 24-ти февруари европските лидери ќе ја одбележат тригодишната војна во украинската престолнина …

Во Украина, на линијата на фронтот будно се следат вестите кои доаѓаат од Вашингтон и од Ријад за мировните преговори. Жителите на Новопавливка, последниот град во Дњепропетровскиот регион, се истоштени од војната.

„Најважно е некој да ја запре. Има надеж, сите војни на крајот завршуваат. Преголема цена плативме досега“, вели Дмитро, сопственик на кафуле.

„Се надеваме на мирно решение. Но, по која цена за нас?“, додава Јуриј, директор на училиште во Новопавливка.

Светот е во очекување на средбата Трамп-Путин најверојатно кон крајот на месецов. Кремљ меѓу редови зборува за подготовките.

„Потребата од состанок е присутна. Мораме да се подготвиме за поголема ефикасност. На подготовките ќе разговараме за нијансите, за незбележителните разлики“, изјави Дмитри Песков, секретар за медиуми на рускиот претседател.

Во интервју на мрежата „Икс“, државниот секретар Рубио порача-без напредок во преговорите за Украина, нема состанок Трамп-Путин. На конференцијата на Конзервативната политичка акција потпретседателот Венс со став, Европа е на чекор од мирот.

„Зошто зборуваме со Русија? Како ќе ја докрајчиме војната ако не зборуваме со нив. Ќе зборуваме со сите што се вклучени во војната. Три години немаше мир“, истакна Џејмс Дејвид Венс-потпретседател на САД.

Настаните се одвиваат со молскавична брзина. И Макрон, најверојатно в понеделник во Белата куќа.

„Ќе му кажам отворено, не можеш да потклекнеш пред Путин. Не тоа што си, не е твој бренд, не ти е во интерес. Како можеш да бидеш силен со Кина, ако си слаб спрема Путин“, изјави Емануел Макрон-претседател на Франција.

И британскиот премиер Стармер в четврток е кај Трамп. Во средиштето на изборите во Германија закажани за в недела, Украина е централната тема. Европа не располага со заеднички борбени формации.

„Сега сме на пресвртница, мораме да продолжиме со политиката за Украина зацртана пред три години“, изјави Аналена Бербок-министерка за надворешни работи на Германија во оставка.

„Ќе воведеме едногодишна задолжителна воена служба, младите веднаш по завршување на образованието да отслужат една година војска“, изјави Карстен Линеман-генерален секретар на Демохристијанската унија.

В понеделник, европските лидери во Киев треба да ја одбележат тригодишнината на војната во Украина.

Зоран Богатинов