Култура

МНТ со мултимедијален проект ќе одбележи 80 години

21.02.2025 14:44

Најстарата национална професионална театарска институција и темелот на културата на Македонија, роденденот ќе го одбележи со голем спектакл на 3-ти април, со претставата „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in МNT“ , во режија на Дејан Пројкоски.

80 години од кревањето на црвената завеса и првата изговорена реплика во Македонскиот народен театар. Најстарата национална професионална театарска институција и темелот на културата на Македонија, роденденот ќе го одбележи со голем спектакл на 3-ти април, со претставата „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in МNT“ , во режија на Дејан Пројкоски.

„Со овој спектакл ќе се доживее спојот на минатото и сегашноста преку клучните вредности на Македонскиот народен театар. Претставата ќе претставува аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза и ликовна уметност. Приказна посветена на сите големи актери, режисери, драматурзи, но и на сите оние луѓе кои се зад кулисите и помагаат во создавањето на сценскиот универзум во МНТ. Публиката ќе биде на едно големо мултимедијално патување во театарот на сонцето“, изјави директорот на МНТ, Никола Кимовски.

По повод јубилејот, изработено е логото „80 години Македонски народен театар“ на Зоран Кардула, а до крајот на годината треба да излезе и монографија.

Дваесет дена по роденденот, на 23 април, ќе биде изведена премиера на претставата „Варвари“ во режија на Владимир Милчин, по текст на Максим Горки, кој првпат се поставува во државава. Ќе учествуваат 23 актери, повеќето студенти на Милчин на ФДУ, како што рече Кимовски „моќна, масовна и бравурозна екипа“.

Покрај „Варвари“, премиери во МНТ годинава ќе имаат уште две нови претстави поддржани со годишната програма на Министерството за култура и туризам – „Три сестри“ според драмата на Чехов, по текст на Ана Ристоска-Трпеноска и режија на Нела Витошевиќ, и претставата за деца „Земја на заборавените сказни“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ. Автори на овој проект се Симон Трпчески и Билјана Црвенковска.