Маркетите под лупа на инспекторите, трговците лепат нови цени на рафтовите
Производите во дел од маркетите денеска не беа променети. Пазарните инспектори се на терен. Се очекува нивниот извештај, што утврдиле...

Вработените во маркетите ги коригираат цените на дел од производите, откако стапи на сила владината одлука за ограничени маржи и замрзнување цени. Се лепат нови етикети, а целиот процес треба да заврши за два дена, велат од Државниот пазарен инспекторат. Граѓаните со душа чекаат да купат поевтино, иако некои се скептични дека ќе има реално намалување.
Се очекува поевтинување на околу 1.000 производи. Инспекторите се на терен. Екипирани во 50 тимови од кои 20 ќе контролираат во Скопје, а останатите во маркетите низ земјава.
За непочитување на одлуките, казните се движат и до 10.000 евра.
Комисијата за заштита на конкуренцијата откри картелско здружување, односно договарање на цените кај неколку синџири маркети, за што е поведена прекршочна постапка.
„Четири маркети и една стопанска комора, спротивно на Законот, се договориле да не набавуваат стоки од добавувачи кои ќе достават нови ценовници за нивните производи. Се преземаат ригорозни санкции“, соопштуваат од КЗК.
Лебот, брашното, јајцата, млекото, маслото за јадење имаат ограничени маржи од 5% до 30 април.
Борис Грујоски
