Администрација

Меџити планира, Минчев не одобрува вработувања

21.02.2025 19:51

Меџити најавува илјадници вработувања на Албанци во државната и јавната администрација. Минчев порача да не се однесува како Алиса во Земјата на чудата. Министерката за финансии тврди-не сум дала зелено светло...

Владата има одлука за трансформирање на работниот однос на 1.500 вработени во здравството, кои со години работат на договор на дело, истакна вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити. Претходно на партиски состанок тој најави вработување на 1.000 Албанци во администрацијата. На ист начин одговори и на прашањето-дали за тоа има договор со коалициските партнери.

„Значи има одлука на Владата и нема да играме со луѓето како што играа во минатото и да ги искористиме за избори. Потребни се во здравството, тие треба да бидат постабилни, да имаат решенија на неопределено и да се посветат на подобро здравство“, вели Меџити.

Согласностите за вработување се даваат во рамки на годишниот план, донесен уште минатата година, а во него не се предвидени толкав број на вработувања по етничка основа, вели министерката за финансии, Гордана Димитриевка Кочоска.

Реагираше министерот за јавна администрација Горан Минчев. За него, изјавата на Меџити е класичен пример на предизборен популизам, без никаква правна или институционална основа. Минчев порача-вработувањата во јавниот сектор се одвиваат според потребите и врз основа на квалитетот.

„Би го замолил господинот Меџити да не се однесува како Алиса во Земјата на чудата, ветувајќи нешто што ниту е реално, ниту е возможно без кршење на законските процедури и принципите на доброто управување. Јасно и недвосмислено потенцирам дека сите вработувања во јавниот сектор во моментов се одвиваат исклучиво според потребите на институциите, врз основа на претходно добиени согласности од релевантните институции и во согласност со законот за вработени во јавниот сектор и законот за административни службеници. Секое вработување се заснова на принципите на компетентност, стручност и професионална подготвеност на кандидатите, а не на партиски ветувања или политички притисоци“, се вели во реакцијата на Минчев.

Од опозициската СДСМ пак, изразија стравување од како што велат, масовна партизација пред избори.

 

Марија Котовска