Засега мал интересот за возот Скопје-Куманово
По три години е обновена железничката линија Скопје-Куманово. Изминативе две седмици претпријатието евидентира помал број на патници. Сепак очекуваат со линијата до Бељаковце, кон средината на годината да се зголеми и интересот за ова превозно средство, намали сообраќајниот метеж и аерозагадувањето...

Две седмици откако е обновена железничката линија Скопје-Куманово. Линијата беше прекината пред три години, поради недостиг на машини и возачи. Возот сега сообраќа двапати дневно во утринските и попладневните часови. Ја посетивме железничката станица во Куманово. Со возот од главниот град пристигнаа десетина патници. Засега мал е интересот, но надежните се дека граѓаните ќе се вратат на ова превозно средство.
„Одлично, прв пат патуваме, студираме во Скопје и добро е. Ќе продолжиме. Двојно е поевтино, почисто е, попријатно, мислам дека има и попуст за студенти“, вели еден студент.
„Среќни се со воз доаѓаат сега бидејќи е пуштена линијата. За време на Југославија патувавме со воз, имаше гужва многу“, дополни друг повозрасен граѓанин.
Цената на билетот изнесува 87 денари, што е речиси двојно поевтино од автобускиот превоз. Целта е со линијата да се олесни комуникацијата помеѓу Скопје и Куманово, намали сообраќајниот метеж, но и аерозагадувањето. Од македонски железници транспорт очекуваат да се зголеми интересот за линијата. Изминативе денови има просечно по 30 патници.
„Во план е и зголемување на возови на линиите до Велес, Куманово и Тетово. Исто така работиме да ги вратиме укинатите линии за Кичево, Штип и Кочани“, истакнаа од Македонски Железници Транспорт.
Очекувањата се до средината на годинава бројот на патници да достигне до 100.
Освен линијата Скопје-Куманово. Наскоро треба да профункционира и до Бељаковце. Од Македонски железници транспорт информираат дека деновиве ќе се одржи состанок со граѓаните од месните заедници кои гравитираат кон пругата Куманово-Бељаковце, и ќе се добијат податоци за заинтересираноста но и термините за линијата.
Елена Георгиевска
