Блиски Исток

Нова размена на заложници и затвореници

22.02.2025 14:13

Во услови на зголемени тензии меѓу Израел и Хамас по синоќешниот инцидент со предавањето туѓо тело на властите на Тел Авив, почна новата размена на заложници за затвореници. Според условите, шестемина мажи ќе бидат последните ослободени од првата фаза од договорот. Наредната недела дополнително Хамас ќе предаде уште четири тела по што треба да почнат преговори за вториот дел од договорот за траен прекин на огнот во Газа.

Шест заложници за над 600 палестински затвореници. Во услови на зголемена тензија меѓу противниците, почна новата размена меѓу Израел и Хамас. Според условите, шестемина мажи ќе бидат последните ослободени живи заложници од првата фаза од договорот. Во Тел Авив славење и солзи.

„Многу сме среќни што Тал е дома. Ќе продолжиме заедно до ослободување на последниот заложник“, пријателка на ослободен заложник.

Во истовреме, ден откако милитантите му предадоа на Израел тело на непозната жена, Црвениот крст потврди дека го добиле од Хамас телото на Шири Бибас-мајката на најмалите убиени заложници држени во Газа. Портпаролот на израелската војска изјави дека двете деца биле убиени со голи раце неколку недели по киднапирањето на 7 октомври 2023-тата.

„Спротивно на лагите на Хамас, Ариел и Кфир не беа убиени во воздушен напад, тие беа убиени од терористи ладнокрвно – ги убиле со голи раце. Оваа проценка се заснова на форензички наоди од процесот на идентификација. Ги споделивме со нашите партнери во светот за да разберат како функционира оваа терористичка организација“, изјави Даниел Хагари – портпарол на израелската војска

„Сите го видовме кошмарот низ кој мина семејството Бибас и суровоста на Хамас да постапува со телата на таков ужасен начин, без достоинство кон мртвите. Ова беше многу болно за сите нас и барем сега Шири Бибас е со Ариел и Кфир Бибас, нејзините деца можат конечно да почиваат во мир“, Хагаи Левин – шеф на здравствениот тим на форумот за израелски заложници.

Хамас соопшти дека дополнително во оваа фаза наредната недела ќе предаде уште четири тела на израелските власти, по што треба да почнат преговори за вториот дел од договорот во кој милитантите би ослободиле уште десетици заложници во замена за траен прекин на огнот и израелско повлекување од Газа. Палестинците се надеваат на мир.

„Се молам ова примирје целосно да се спроведе. Не сакаме војна. Не сакаме бомбардирања. Сакаме мир и безбедност во нашата сакана“, изјави Фида Авда – жител на Рафах.

Доколку тој план се реализира, Хамас би задржал околу 60 заложници, од кои околу половина се верува дека се живи.

Бојана Крстевски