Естетска мдицина

Од желба за естетика до болничко лекување

22.02.2025 17:08

Инфекции предизвикани од ботокс. Желбата за естетика предизвикува сериозни компликации ако има несоодветно аплицирање. Некои пациенти завршуваат на болничко лекување. Лекарите добија поддршка од здравствените власти за законски измени со кои ќе се подобри стандардот во естетската хирургија.

Инфекции длабоко под кожата, предизвикани од филери и ботокс – лекарите сè почесто третираат сериозни компликации од нивното несоодветно аплицирање. Колку пациенти во земјава се соочиле со овие компликации не се знае, многумина не пријавуваат. Лекарите добија поддршка од здравствените власти за законски измени со кои ќе се подобри стандардот во естетската хирургија.

„Гледаме разноразни инфекции длабоки над ткивата, предизвикани од апликација на дермални филери, кои се медицински средства, и бутулинов токсин, кој е сериозен лек, во подлабоките слоеви на кожата, извршена во нестерилни услови, немедицински установи и од нестручни лица“, изјави д-р Анџелика Илиева – специјалист дерматолог.

„Овде сме и расположени заедно да најдеме соодветен начин за регулирање на оваа проблематика. Имаме поддршка и среќни сме поради тоа“, изјави д-р Игор Пеев – специјалист за пластична и реконструктивна хирургија.

Пред три недели 13 пациентки од Бугарија се соочија со сериозни компликации по инјекциите на ботокс, дел од нив сè уште се на болничко лекување.

„Две сè уште се во болница, едната е на респираторна машина, другата е со сонда, односно има потешкотии со голтањето. Тоа се многу сериозни проблеми. До ова дојде затоа што во Бугарија сè уште немаме законска регулатива, како што нема и во Македонија и во многу земји во Европа“, изјави д-р Едина Денкова – дерматолог од Бугарија.

Со проблемите во естетската медицина соседна Србија се бори со години. Бројот на компликации е намален, но се уште има нестручни лица кои се занимаваат со ботокс и филери. Додаваат дека сега тренд во естетската хирургија е подмладувањето на кожата.

„Сега акцентот е ставен на регенерација на кожата, на младоликост. се надевам дека ќе не напушти епитетот по сме познати во светот, а тоа е балканизација на лицето. тој епитет не красеше навистина долго, а сега тоа ќе го промениме и во светот и кај нас“, изјави д-р Бранислав Кукиќ – пластични хирург од Србија.

Законските измени треба да придонесат за подобар стандард во естетската медицина, ќе ја ограничат можноста за извршување медицински процедури од лица кои немаат соодветна квалификација.

 

 

Андријана Ѓурческа