Охрид

По шест години вештачки мрест на пастрмка

22.02.2025 18:35

Вештачкиот мрест на охридска пастрмка започнал во далечната илјада деветстотини триесет и петта година со основањето на Хидробиолошкиот завод во Охрид. Оттогаш па до денес овој процес не се одвивал еднаш во текот на Втората светска војна и во илјада деветстотини деведесет и осмата година, поради реорганизација на одредени државни органи. Затоа звучи зачудувачки што во изминатите шест години државата дозволи да отсуствува овој процес што му нанесе огромни штети на овој вид риба. од големо значење е што од годинава повторно се спроведува вештачкиот мрест.

По шестгодишна пауза Хидробиолошкиот Завод го спроведува вештачкиот мрест на охридска пастрмка. Во моментов во мрестилишните инсталации на институцијата се прибрани планираните 660 илјади зрна оплодена икра. Заедно со собраната икра од мрестилиштата Шум во Струга и она во Албанија годинава се очекува да се оплодат околу два и пол милиони зрна икра, што ќе придонесе за зголемување на популацијата на овој ендемичен вид.

„Биолошкиот оптимум според огледалото или површината на Охридското Езеро, а тоа е 358 километри квадратни би требало да биде три до три и пол милиони одгледани единки. Токму поради тоа дадено е ветување дека следната година поголема количина на икра ќе биде колекционирана и поголеми ангажмани на мрестилиштата“, изјави Душица Илиќ Боева-Хидробиолошки завод Охрид.

Иако рибниот фонд на пастрмката е драстично намален со добра организација на сите институции икрата беше собрана за само 6 риболовни денови. Голем придонес за процесот даде и чистењето на природните плотишта на пастрмката од таканаречените мрежи духови.

„Минатата година успешно изведовме една акција до 70 метри длабочина за вадење мрежи духови, односно заостанати рибарски мрежи и рибарски алат под вода. Резултатот е видлив, затоа што на местата каде што мрести пастрмката во овој период гледаме дека таа пастрмка е дојдена на тоа место“, бидејќи нема присуство на тие мрежи“, изјави Милутин Секулоски Миќо-Нуркачки центар„Амфора“.

Од Хидробиолошкиот завод, велат дека целосна заштита на рибниот фонд на пастрмката е возможен само доколку надлежните институции од македонска и албанска страна делуваат заеднички, што досега не беше случај.

 

Сашо Нелоски