Божиновска ја посети Хидроелектраната Вруток
Божиновска, ја посети Хидроелектраната Вруток, во рамки на нејзините заложби за редовна проверка на сите енергетски капацитети во земјата...
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја посети Хидроелектраната Вруток, во рамки на нејзините заложби за редовна проверка на сите енергетски капацитети во земјата. Оваа посета е дел од континуираните активности на Министерството за следење на состојбата на клучните енергетски објекти и подобрување на нивната ефикасност.
ХЕЦ Вруток, како најголема електрана во рамки на Мавровскиот хидроенергетски систем, игра стратешка улога во македонскиот електроенергетски систем. Со инсталирана моќност од 165,6 MW и просечно годишно производство од 350 GWh, Вруток е клучен фактор во обезбедувањето стабилност на снабдувањето со електрична енергија.
И покрај предизвиците со ниската кота на Мавровското Езеро (2,74 m под нивото од 2023 г.), преку реорганизација и оптимално планирање, ХЕС „Маврово“ постигна производство од 493,27 милиони kWh 28% над планот. Ова придонесе за стабилно снабдување со енергија во земјата и задоволување на потребите во периоди на врвна потрошувачка.
Мавровскиот хидроенергетски систем, кој покрај ХЕЦ Вруток ги опфаќа и ХЕЦ Равен и ХЕЦ Врбен, со вкупна инсталирана моќност од 200 MW и годишно производство од околу 450 GWh, претставува еден од најголемите и најсложените во земјата. Водите што се влеваат во езерото се собираат од површина од над 500 километри квадратни од планинските масиви на Кораб и Шар Планина. Водата се пренесува со канали и цевководи долги над 130 километри. Со акумулација од 275 милиони кубни метри вода, овој систем е од критично значење за енергетската одржливост и балансирање на производството од обновливи извори
Во текот на посетата, министерката Божиновска се запозна со тековните активности за одржување и планираните инвестиции во модернизација на постројките.
