Вонредни парламентарни избори во Германија
Вонредни парламентарни избори во Германија. Се избираат 630 пратеници во Бундестагот. Кој ќе биде новиот канцелар, како ќе изгледа следната влада и очите на Европа се свртени кон овој стратешки сојузник. Последните анкети покажаа водство на десноцентристички конзервативни партии. Изборите се одржуваат по распадот на тројната коалиција...

Германските гласачи денеска на вонредни парламентарни избори решаваат кој ќе управува со владата во наредните четири години. Изборите за 630 пратеници во Будестагот се одржуваат во време кога доминира загриженоста за повеќегодишната стагнација на економијата во земјата, зголемениот притисок за ограничување на миграцијата, но и растечката неизвесност за одржување на стратешкото сојузништво со САД и за иднината на Украина, поради што многумина овие избори ги оценуваат како историски за Германија, но и за Европа.
„Некои работи сакам да останат недопрени како нашата политичка култура и демократија, но исто така сакам да бидат реформирани бидејќи јасно се препознава дека има потреба од тоа“, изјави гласач.
„Сакам нешто да се смени, нашата земја е во криза, народот е вознемирен. Се надевам дека ќе се најде решение меѓу луѓето повторно да бидат смирени“, изјави друг гласач.
Последните анкети покажуваат водство на десноцентристичките, конзервативни сестрински партии ЦДУ-ЦСУ, а голем пад на поддршката за социјалдемократите. Сепак, историски подем забележува ултрадесничарската алтернатива за Германија, која ужива најголема поддршка од втората светска војна и анкетите покажуваат дека е веднаш зад конзервативците. Германскиот изборен систем ретко произведува апсолутно мнозинство, а според прогнозите во овој циклус ниту една од партиите нема ни приближно шанси за чиста победа. Се очекуваат долги тешки преговори за коалиција која би била формирана од две или повеќе партии. Изборите се одржуваат седум месеци пред законски предвиденото, откако трипартиската коалиција на левичарскиот канцелар Олаф Шолц се распадна, по што беа закажани вонредни избори.
Маја Стојанова
