Здравство

Наскоро струмичката болница со проширен капацитет

23.02.2025 13:46

Новиот крак на струмичката болница кој се градеше речиси половина век ќе биде ставен во функција оваа година. Објектот доби електрична енергија а со неговото профункционирање ќе стигне и донацијата од американска организација вредна половина милион долари...

Годинава ќе се пушти во функција новото крило на струмичката болница со површина од 6.000 квадратни метри. Вака најави директорот на ова здравствена установа Гоце Христов кој подвлече дека фамозниот кабел е инсталиран и новиот болнички дел има струја што беше причина со години да не се пушта во употреба.

Во новиот крак најпрво ќе преселат хируршките одделенија гинекологија со акушерство па потоа и останатите додека постоечките ќе бидат за конзервативната медицината. Со ставањето во функција на новиот крак се очекува и донација од половина милион долари, вели Христов.

Новата болница има четири ката и неколку операциони сали. Градена е со централен довод на кислород а секоја од болничките соби за пациенти се со тушеви.

 

Ване Трајков