Метеж во дежурниот педијатарски пункт во поликлиниката „Бит-пазар“
Вирусите го наполнија педијатрискиот пункт во Поликлиниката Бит-пазар. Дежурните доктори со полни раце работа...

За 12 часа ноќно дежурство – лекарите прегледале четириесетина деца со симптоми на грип. Само изутринава на педијатрискиот пункт во Поликлиниката Бит-пазар со висока температура и кашлица медицинска поддршка побарале дваесетина. Педијатрите со совет до родителите – да не ги носат веднаш на преглед, да се обидат прво да им ја намалат температурата со медикаменти.
„Доаѓаат често со покачена температура од пред два часа, од утрото или од вечерта. Така во крвната слика не добиваме никаков наод, па детето го пуштаме со симптоматска терапија. А, може за 24 часа да се влоши состојбата и да има потреба од антибиотска или венска терапија или хоспитализација. Затоа родителите на првото покачување на температурата треба да дадат соодветна доза антипиретик“, изјави д-р Елбина Бектеши Ќерими – педијатар во Здравствен дом – Скопје.
Метежот во дежурниот педијатрискиот пункт е очекуван за овој период од годината кога циркулира грипот и другите вирусни инфекции. Лекарите со апел да се избегнуваат игротеките и моловите.
И педијатриските клиники бележат пораст на заболени од грип. Во Козле и на Детската клиника за едно деноноќие има и по 200 прегледи. Лекарите велат, вирусите, особено оние кои влијаат на респираторниот систем, станаа поагресивни и побрзо се шират. Помалите и доенчињата се поподложни на нив, поради сè уште неразвиениот имунолошки систем.
И последниот извештај на Институтот за јавно здравје покажува дека во овој период најмногу на удар на грипот се децата. За една недела регистрирани се околу 950 деца до 14-годишна возраст.
Во последниот извештај се забележува благо намалување на бројот на заболени, во споредба со претходната недела.
Андријана Ѓурческа
