Куманово

Затворена државната народна кујна во Куманово

23.02.2025 17:22

Четири месеци во Куманово не функционира народната кујна којашто е под капата на Министерството за социјална политика. Над сто семејства останаа без бесплатен оброк.

Од средината на октомври е затворена народната кујна во Куманово, којашто со години ја овозможува министерството за социјална политика. Над сто семејства останаа без бесплатен оброк.

Проблем се јавил кон средината на октомври кога завршил договорот со фирмата која ги подготвувале оброците. Народната кујна во Куманово ја користеа 92 семејства, а во Старо Нагоричане 19. Од министерството за социјална политика информираат дека народната кујна повторно ќе почне да работи.

„Надминат е проблемот предизвикан од лоша проекција на буџетот за 2024 година. Со новиот план за јавна набавка предвидени се средства за оваа услуга“, одговорија од МТСП.

Но продолжува да функционира народната кујна под општина Куманово. Сто корисници користат право на бесплатен оброк. Во моментов тие немаат средства за да ги прифатат и останатите.

„Се надеваме дека со ребаланс на буџетот ние ќе ја зголемиме бидејќи знаеме дека има голем потреба и не само овие 280 наши сограѓани кои веќе земаат оброк, оваа бројка реална е околу 350 согласно нашето мапирање“, истакна Александар Крстевски, раководител Сектор за социјална заштита Општина Куманово.

На ниво на земјава функционираат 49 пунктови под капата на МТСП. Во моментов услугата ја користат 1.659 корисници.

 

Елена Георгиевска