Излезните анкети покажуваат победа на Мерц во Германија
Победа на германската десница на парламентарните избори покажуваат според излезните анкети. Се отвора го патот за Фридрих Мерц, лидерот на демохристијаните, да стане следниот канцелар на Германија...

Конзервативната Христијанско-демократска унија ЦДУ води на изборите во Германија, а крајнодесничарската алтернатива за Германија е на второто место. Излезните анкети покажуваат дека Мерц би можел да биде новиот канцелар. Станува збор за излезни анкети кои навестуваат промени на политичката сцена.
Според анкетите, (ЦДУ) освоила најмногу гласови на парламентарните избори, додека алтернативата за Германија постигнала исклучително силен резултат и е на второто место. Партијата на Шолц е на третата позиција.
„Некои работи сакам да останат недопрени како нашата политичка култура и демократија, но исто така сакам да бидат реформирани бидејќи јасно се препознава дека има потреба од тоа“, рече гласач.
„Сакам нешто да се смени, нашата земја е во криза, народот е вознемирен. Се надевам дека ќе се најде решение меѓу луѓето повторно да бидат смирени“, изјави гласач.
Изборите за 630 пратеници во Будестагот се одржуваат во време кога доминира загриженоста за повеќегодишната стагнација на економијата во земјата, зголемениот притисок за ограничување на миграцијата, но и растечката неизвесност за одржување на стратешкото сојузништво со САД и за иднината на Украина, поради што многумина овие избори ги оценуваат како историски за Германија, но и за Европа.
„Потребни се многу промени. Мораме да се свртиме кон внатре, десницата ја губи моќта, да направиме добри европски политики, да направиме нешто повеќе за трансатлантскиот сојуз, што и да е тоа“, рече друг гласач.
„Се надевам дека сегашната економска политика, социјалниот систем и воената машинерии ќе ги оставиме зад нас, се надевам на мирна и просперитетна политика“, изјави гласач.
Германскиот изборен систем ретко произведува апсолутно мнозинство, а според прогнозите во овој циклус ниту една од партиите нема ни приближно шанси за чиста победа. Се очекуваат долги тешки преговори за коалиција која би била формирана од две или повеќе партии.
Изборите се одржуваат седум месеци пред законски предвиденото, откако трипартиската коалиција на левичарскиот канцелар Олаф Шолц се распадна, по што беа закажани вонредни избори.
Анита Димитријевска-Велковска
