Собрание

Предлог - законот за сметководители денеска пред пратениците

24.02.2025 08:08

Согласно актуелниот Закон за вршење сметководствени работи, сметководителите и овластените сметководители за надградување на знаењето се должни да посетат обука за континуирано професионално усовршување. Сметководителите треба да имаат вкупно 90 часа обука, а овластените сметководители 120 часови обука...

Во рамки на денешната 35-та собраниска седница меѓу точките од дневниот ред е и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за вршење сметководствени работи. Предлог-законот треба да се донесе по скратена постапка, а ќе им овозможи на сметководителите кои се дисциплински казнети и привремено избришани од регистрите, да ги потпишат годишните сметки и/или финансиските извештаи за 2024 година.

Согласно актуелниот Закон за вршење сметководствени работи, сметководителите и овластените сметководители за надградување на знаењето се должни да посетат обука за континуирано професионално усовршување. Сметководителите треба да имаат вкупно 90 часа обука, а овластените сметководители 120 часови обука. Поради непочитување на овие законски одредби, Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) до 15 јануари 2025 година има донесено околу 3 300 решенија со кои им се изречени дисциплински мерки „времено бришење“ на сметководителите и овластените сметководители од соодветните регистри во времетраење од една година.

На дневен ред се и Предлог-законот за изменување на Законот за националната инфраструктура на просторните податоци на Република Северна Македонија, во прво читање, како и Предлог-законот за изменување на Законот за заштита на потрошувачите, Предлог-законот за дополнување на Кривичниот законик, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот за додадена вредност, сите по скратена постапка.

Пратениците ќе расправаат и по барањето за давање на автентично толкување на член 20-а став (4) од Законот за вработените во јавниот сектор, поднесено од пратениците Блерим Беџети, Скендер Реџепи, Дијана Тоска, Бејџан Иљас, Сали Мурати, Исмаил Јахоски, Илир Хасани, Садула Дураки, Рина Ајдари, Талат Џафери, Елми Азири и Муса Џафери.