Германија

Се прават калкулации за нова влада во Германија

24.02.2025 09:55

По предвремените парламентарни избори во Германија, Мерц со шанса да го наследи канцеларот Шолц. Се прават калкулации за нова влада. Шолц по лошиот изборен резултат, изјави дека ниту ќе учествува во преговорите со демохристијаните, ниту пак ќе биде дел од новата влада.

Ден по историските избори во Германија и победата на кандидатот на Унијата за канцелар Фридрих Мерц веќе се прават калкулации за нова влада. Формирањето најверојатно ќе стане многу тешко откако ЦДУ/ЦСУ освои помалку од 30 насто од гласовите, а во самиот старт стана извесно дека Мерц нема да коалицира со екстремно десничарската Алтернатива за Германија, која заврши на второто место со 20 насто од гласовите.

„Ќе се обидам да формирам влада што ќе го претставува целото германско население. Не правиме погрешна политика за оваа земја, ниту ќе го ставам во прашање наследството на ЦДУ од 75 години Сојузна Република Германија само затоа што одеднаш постои таканаречена Алтернатива за Германија. Вие го сакате спротивното од она што ние го сакаме и затоа нема да има соработка“, изјави Фридрих Мерц -кандидат за канцелар на Германија од ЦДУ.

Кандидатката на АДФ, Вајдел предупреди дека секоја друга коалициска влада ќе биде нестабилна и „нема да трае“.

„Кога ова овде ќе биде коалиција на црвените и зелените, тоа ќе биде нестабилна влада која нема да трае четири години. Фридрих Мерц ќе биде привремен канцелар и ќе ја пристигнеме Унијата во следните неколку години“, изјави Алис Вајдел – АфД.

Лидерот на социјалдемократите пак, Шолц по лошиот изборен резултат изјави дека ниту ќе учествува во преговорите со демохристијаните, ниту пак ќе биде дел од новата влада. Ја презеде одговорноста и порача дека ќе ја извршува функцијата до последниот ден.

„Ова е горчлив изборен резултат за Социјалдемократската партија. Тоа е исто така изборен пораз. Овој пат резултат е лош и за тоа во овој момент сакам да кажам дека јас сносам одговорност“, изјави Олаф Шолц -германски канцелар.

Светските лидери со честитки за победата на Мерц кој настојуваше да добие силен мандат за да формира влада само со уште една партија, но сега ќе мора да бара поширока коалиција. Притоа, тој не мора да се потпре на Зелените, бидејќи новоформираната партија БСВ, предводена од поранешната лидерка на Левица Сара Вагенехт, не успеа да го помине прагот од 5% за влез во парламентот. Преговорите за новата германска влада може да траат со месеци, а не е исклучена ниту можноста за нови избори.

 

Бојана Крстевски