Ден по изборите, Мерц потврди дека веќе се прават калкулации за нова влада
По предвремените парламентарни избори во Германија, Мерц со шанса да го наследи канцеларот Шолц. Ќе успее ли да формира нова влада? Се прават калкулации – широка коалиција, или т.н Кенија коалиција. За канцеларот во оставка, резултатот горчлив. Светските лидери со честитки за победата на Мерц...

Ден по изборите во Германија и победата на ЦДУ/ЦСУ, кандидатот на Унијата за канцелар Фридрих Мерц потврди дека веќе се прават калкулации за нова влада. Во игра се две опции-широка Коалиција на демохристијаните, социјалдемократите и зелените, и втората т.н. Кенија коалиција-со либералите без зелените. Крајната десница останува во опозиција.
„Ќе се обидам да формирам влада што ќе го претставува целото германско население. Нема да го ставам во прашање наследството на ЦДУ од 75 години Сојузна Република Германија само затоа што одеднаш постои таканаречена Алтернатива за Германија. Вие го сакате спротивното од она што ние го сакаме и затоа нема да има соработка“, изјави Фридрих Мерц, кандидат за канцелар на Германија од ЦДУ.
Околу 200 мандати во Бундестагот освоија демохристијаните, алтернативците 150. Вајдел понуди учество во новиот кабинет, оценувајќи го цврстиот став на Мерц, недемократски.
„Имаме силно мнозинство за АФД и ЦДУ. Гласачите сакаат централнодесничарска влада. На крајот зависи од Унијата дали сака, во моментов не изгледа така. Мерц одлучи да го задржи својот став за блокада кон АфД. Оваа блокада е недемократска. Освоивме речиси 25% од местата во германскиот Бундестаг. Мислам дека ова јасно покажува што е демократија“, изјави Алис Вајдел-АФД.
Канцеларот во оставка Шолц го нарече резултатот горчлив и презеде целосна одговорност. Сопартијците му забележуваат за лоша промоција на политиката на вработување.
„Ова е горчлив изборен резултат за Социјалдемократската партија. Тоа е исто така изборен пораз. Овој пат резултат е лош и за тоа во овој момент сакам да кажам дека јас сносам одговорност“, изјави Олаф Шолц, германски канцелар.
Мерц најави редефинирање на европската одбранбена политика-Унијата мора да добие своја војска. Берлин не може да се потпира на САД и на НАТО-истакна тој. Сепак, негова прва загатка е нерешеното прашање за миграцијата, доколку не ја реши не може да очекува стабилен кабинет. Тригодишната рецесија и инвестирањето во одбраната на Украина го остава прашањето-дали Мерц ќе ги достави ракетите со долг дострел за Киев. Досега двоецот Шолц-Макрон функционираше во интерес на ЕУ. Во честитката за победата, францускиот претседател се надева на нова силна Европа. Зеленски пак, на продолжена соработка за доближување на вистински мир до Украина и зајакнување на Европа, додека Кремљ очекува соработка во областите од заеднички интерес.
Бојана Крстевски
