Три години од војната во Украина, повици за траен мир
Три години по сирените кои беа аларм за засолнување од нападите врз Украина. Жртви, повредени, раселени и политички калкулации. Се гледа ли крајот на бојот во оваа европска земја? Европските лидери со мементо на Мајдан во Киев го одбележаа почетокот на револуцијата по која следеше рускиот напад. Украина е Европа, порача на плоштадот претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен. Ќе запреме со војната доколку ги постигнеме зацртаните цели, став на рускиот прв дипломат Лавров …

Демонстрации за поддршка на Украина низ неколку европски градови. Во Амстердам и украински бегалци од војната.
„Сум видела воени злосторства, не можеме тукутака само да смениме страницата и да кажеме „сега имаме мир“. Ни треба правда за да имаме мир. Ќе ја браниме секоја педа од нашата татковина“, изјави Јана Бученко, украинска бегалка.
Слобода за Украина, борба сè до победа, порачаа демонстрантите во Рига. Мементо за паднатите бранители во Украина на Зеленски и европските лидери пред меморијалот на сеќавањето во Киев. Меѓу гостите и канадскиот премиер Трудо. За него, рускта војна е војна против демократијата. Брисел го одобри 16-тиот пакет санкции за Москва, во март Киев треба да добие нови 3,5 милијарди евра помош.
„Ќе имаме важна дебата во Обединетите нации во Њујорк за предлог резолуцијата на Украина за да се одреди кој во војната е агресор“, изјави Хозе Мануел Албарез Буено, министер за надворешни работи на Шпанија.
„Има веќе разговори за поствоената состојба. Но, сега треба да и да дадеме сила на Украина за најдобра позиција кога ќе почнат мировните преговори“, изјави Ларс Локе Расмусен, министер за надворешни работи на Данска
„Сега треба поголема помош за Украина, по половина година ќе биде доцна“, рече Марија Малмер Стенегард, министерка за надворешни работи на Шведска.
Вашингтон го условува украинското присуство во мировните преговори со експлоатацијата на ретките минерали во земјата. Зеленски оцени-неправедна е математиката, за секој долар добиена американска помош, Трамп сега бара два. Спикерот на украинската Рада, Стефанчук, близок на Зеленски, сепак смета дека наскоро ќе се постигне договор од заедничка корист.
„Подготвени сме да работиме заедно на минералните суровини, исто така сметаме и на безбедносните гаранции. Што побрзо посакуваме самит со САД. Важни се конструктивните дискусии“, изјави Руслан Стефанчук, претседател на Парламентот на Украина.
Москва не отстапува од зацртаните цели, ставот рускиот шеф на дипломатијата го повтори во Анкара.
„Претседателот јасно укажа дека сме подготвени да преговараме со Украина и со Европа, со кој и да е претставник којшто посакува постигнување мир. Но, ќе ги запреме воените акции кога со овие преговори ќе се постигне цврст, одржлив резултат во корист на Руската Федерација“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Харков, вториот град по големина во Украина во утринските часови се соочи со последиците на руска авиобомба. Руски дронови го прекрија небото над земјата, Киев одговори со беспилотни летала во руската област Рајазан. Од почетокот на војната, над осум милиони Украинци побараа азил, повеќето во европските земји.
Зоран Богатинов
Фото: president.gov.ua
