Тактизирање со намалувањето на цените
Инспекторите досега укажуваа, сега и ќе казнуваат. Граѓаните се жалат, дел од маркетите тактизираат со поевтинувањата. Премиерот обвини дека трговци водат политичка борба со Владата...

Пазарната инспекција тргна во лов на ненамалени цени. До крајот на неделава таргет ќе бидат околу 1.000 маркети, тобака и бензински пумпи. Трговците што не ја почитуваат владината одлука повеќе нема да се толерираат, велат за МТВ од Инспекторатот, откако граѓаните се пожалија дека дел од трговците не ги намалиле цените. А дека реално поевтинување на производите не се забележува на рафтовите.
Натписите „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ или „замрзнати цени“ веќе се истакнати во дел од маркетите.
Премиерот Мицкоски дециден – одлуката мора да се почитува, а не да се води политичка борба со Владата.
Стандардот на граѓаните ќе се штити и преку новиот Закон за потрошувачи кој е во собраниска процедура. Големите маркети треба јавно на веб-страница да ги објавуваат цените на производите за да знаат граѓаните каде е најевтино.
Опозицијата критикува дека мнозинството одбило да ги поддржи предлозите за намалување или укинување на ДДВ-то на струјата и храната.
Владата неодамна одлучи да ја ограничи маржата и да замрзне цени на околу 1.000 производи со што тие треба да поевтинат за околу 10 насто.
Анита Димитријевска – Велковска
