СДСМ објави документи од свиркачи за Меџити
СДСМ објави документи од свиркачи и го обвини вицепремиерот Меџити за злоупотреби. Тој ги отфрла сомнежите, премиерот чека докази...

СДСМ обвинуваат – вицепремиерот Меџити ја злоупотребил службената позиција и отворил сомнеж за корупција. Објави документи со кои, според нив, Меџити ги заобиколувал институционалните процедури, и лично одлучувал кои предмети ќе бидат одобрени или стопирани.
„Поради оваа груба злоупотреба, Државниот управен инспекторат со Решение Бр. 11-1653/2024 од 17.01.2025 година официјално ги одзел ингеренциите на Меџити во делот на потпишувањето на административни документи. Со ова решение јасно се потврдува дека незаконските постапки на Меџити биле детектирани и санкционирани“, изјави Мартин Костовски, оранизационен секретар на СДСМ.
Опозициската ДУИ бара истражните органи да ги прошират истрагите не само против Меџити, туку и вработените во неговиот кабинет. Бараа целосна истрага и стопирање на сите моментални вработувања во администрацијата.
„Од лиценци и еколошки дозволи до обични бирократски постапки, ништо не поминувало без негово одобрение и без коруптивните шеми водени од кабинетот на Меџити. Истите овие луѓе биле вклучени во слични корупциски шеми и во Општина Чаир, претворајќи ја во урбанистички кошмар за граѓаните“, се вели во соопштението од ДУИ.
Премиерот Христијан Мицкоски ги повика ДУИ, да достават докази до него за корупцијата која тврдат дека ја направил вицепремиерот Изет Меџити. Мицкоски рече дека одма ќе ги даде на органите за да постапуваат. Посочи дека има доверба во Меџити, а за ДУИ повтори дека нивното второ име е „корупција“.
„Го имаат мојот број, сите го знаат, денес-утре да дојдат и ако сум на седница ќе ја напуштам за да ги видам тие докази и да ги предадеме на соодветните органи кои треба да постапуваат. Во спротивно ги предупредувам оние од ДУИ дека продолжуваат да сеат пердуви, да занимаваат со магла, магла којашто е оптоварена со зборот корупција која беше нивно второ име во минатото во коешто главен атрибут беше трговскиот центар Соравија“, изјави премиерот Мицкоски.
Министерството за животна средина со писмена реакција. Според нив обвинувањата на опозицијата се поради стравот од откривање на крупни скандали.
„Реакцијата на СДСМ и ДУИ доаѓаат во време кога Министерството за животна средина и просторно планирање заедно со Државниот инспекторатот за животна средина, секојдневно откриваат безброј скандали од претходната власт“, се вели во писмената реакција на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Ги повикуваат истражните органи да го истражат случајот.
Марина Стојанова-Тонева
