Здравство

Приватните специјализанти и договорците ќе добијат вработувања во зависност од тоа каков кадар е потребен

24.02.2025 16:34

Важно e да се стручни и компетентни, а не каква е нивната етничка или политичка припадност. Министерот Таравари уверува дека најавените 1.800 вработувања во здравството нема да зависат од ништо друго, освен од заслугите и потребите од кадар на здравствените установи. Реконструкцијата на клиниките нема да ги остави пациентите без лекарка грижа.

Не е важна етничката припадност ниту од која политичка партија доаѓаат – приватните специјализанти и договорците ќе добијат вработувања во зависност од тоа каков кадар им е потребен на здравствените установи. На приватните специјализанти министерот за здравство не им ја знае етничката припадност, додека пак, за договорците вели има од сите националности и речиси 1.200 ќе бидат вработени до крајот на годината.

„Ќе бидат вработени луѓето кои веќе работат, околу 70 или 80 проценти. Може да има 20 или 30 посто кои не се баш компетентни, не се покажале добро и потребно е да се направи промена. Етничката структура ја знаеме, но тоа е ирелевантно, штом болниците и клиниките бараат тие луѓе да бидат вработени значи вредат и ќе бидат вработени“, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари.

Здравствените власти најавуваат реконструкција на болницата „8 Септември“, предвидено е да заврши до октомври. Ќе се обноват и опремат 14 хируршки сали, ќе се санира кровот. За проектот предвидени се 12 милиони евра.

Паралелно, најавено е целосно обновување и на КАРИЛ каде медицинска помош добиваат пациентите во критична состојба. Надлежните со смирувачки пораки, градежната експанзија нема да се одрази на пациентите, реновирањето ќе оди постепено и етапно. Директорот на хируршките клиники „Св., Наум Охридски“, вели дека се подготвени да ги преземат пациентите од КАРИЛ

„Реновирањето ќе оди секвенционално. Операциските сали во Клинички центар ќе функционираат, ќе биде намален бројот на интензивните кревети. Ама вишокот пациенти што би требало да се хоспитализираат во интензивните неги ќе се прераспределува во ГОБ „8 септември“ и во „Св. Наум Охридски“ и дел на Неврохирургија. Генерално, во ниеден момент нема да имаме две болници во кои нема ништо да функционира“, вели д-р Небојша Настов, директор на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.

Пациенти од КАРИЛ ќе преземаат и Градската болница „8 Септември“, како и Клиниката за неврохирургија.

Прв пат од основањето на Клиничкиот центар целосно ќе се реконструира Клиниката за реанимација и интензивно лекување. Здравствените власти уверуваат дека е изготвен план за упатување на пациентите.

Андријана Ѓурческа