МВР: Кривични пријави за инцидентот на натпреварот меѓу Вардар и Пелистер
Од навивачката група „Комити“ со повреди се стекнале 8 лица, од кои едно лице со тешки телесни повреди и 7 лица со лесни телесни повреди...

Во врска со инцидентот што се случи вчера на Градскиот стадион под „Тумбе кафе“ во Битола, за време на фудбалскиот натпревар меѓу ФК „Пелистер“ и ФК „Вардар“, СВР Битола по превземените потребни мерки и активности и во консултација со Јавно обвинителство издиференцира 7 кривично-правни настани, од кои за 4 ќе бидат поднесени кривични пријави за сторени кривични дела „напад на службено лице при вршење работи на безбедноста“ и една кривична пријава за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. За останатите 3 кривично- правни настани СВР Битола ги превзема потребните мерки и активности за откривање на сторителите.
Од навивачката група „Комити“ со повреди се стекнале 8 лица, од кои едно лице со тешки телесни повреди и 7 лица со лесни телесни повреди.
Повредените лица биле примени во Клинички центар „Др.Трифун Пановски“ Битола, каде им била укажана медицинска помош. Станува збор за: Г.Н.(1977) од Скопје, кој се здобил со ТТП и бил препратен во Скопје, додека со лесни повреди се здобиле С.Г.(1990), К.Г.(1983), З.К.(1977), Г.К.(1980), Д.Б.(1983), Б.Д.(1991) и Ф.А.(1985) сите од Скопје. За време на вршење на службени задачи повредени се и четири полициски службениции.
СВР Битола изврши увид на местото на настанот, при што е подигнат материјал, кој ќе биде испратен на понатамошно вештачење во МВР, а истрага ќе спроведе и Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди.
Како што денеска соопшти МВР, извршен е разговор и со докторите и со тешко повредениот. Според првичниот исказ на медицинските лица, таков вид на повреда не можела да се случи доколку повредениот не ја држел, односно не ја активирал шок бомбата во рака.
