Србија

Судир на опозицијата, студентите и полицијата пред зградата на новосадското Собрание

24.02.2025 16:56

Тензична атмосфера за избор на нов градоначалник на Нови Сад, паралелно тече акција на апсења, уапсена и менаџерката на Железничка Инфраструктура...

Во тензична атмосфера меѓу опозицијата, студентите и полицијата, во која петмина полициски службеници се повредени, протече денешната седница на Собранието на град Нови Сад, на која, за нов градоначалникот беше избран претставникот на СНС Жарко Мичин.

Судирот на опозицијата, студентите и полицијата се случи пред зградата на новосадското Собрание, а опозицијата обвинува дека нивните пратеници биле спречени да присуствуваат на седницата, додека пак од власта и полицијата ова го негираат.

Изборот на новиот градоначалник уследи по барање на студентските протести и инцидентите во Нови Сад и оставката на Милан Ѓуриќ на тоа место.

Покрај протестите, паралелно во Србија трае акцијата на борба против корупцијата и криминалот, а денес е уапсена менаџерката за развој на инвестиции на Инфраструктура Железница Србија, како и тројца членови на Комисијата за технички преглед на Железничката станица во Нови Сад.

Станува збор за членови на техничката комисија кои извршиле технички преглед на објектот, забележале недостатоци, но одобриле пробно функционирање на објектот, најмногу за една година и продолжиле да го прекршуваат Законот за градба со тоа што не извршиле натамошен преглед на објектот иако можеле визуелно да ги забележат недостатоците, што резултираше со уривање на настрешница на Железничката станица кога загинаа 15 лица.

„Тие продолжиле со прекршување на Законот за планирање и градење и соодветните прописи, бидејќи при пробната работа на објектот не провериле дали се исполнети условите за издавање на одобрение за употребна дозвола и не доставиле извештај за ова до инвеститорот, иако, според наодот и мислењето на вештакот, визуелно можеле да забележат знаци на прекршување што биле забележливи во деновите што претходеа на уривање на настрешницата, односно да го воочат зголемено отклонување во настрешницата“, изјави Ненад Стефановиќ- главен јавен обвинител.

По апсењето на поранешната градоначалничка на Ниш, Драгана Соритовска, денес се уапсени уште 13 други лица поврзани со заеднички коруптивни обвиненија со Сотировска. Досега во акцијата во борба против корупцијата од средината на февруари уапсени се околу 150 лица.

 

Оливер Бранковиќ, дописни од Белград за МРТ