Украина

Две резолуции, но и нов пакет санкции за Москва

24.02.2025 19:45

Три години од руската инвазија врз Украина – Зеленски го слави херојството, Путин не сака избрзан мир. Европските лидери во Киев, Макрон во Вашингтон кај Трамп. Македонија коспонзор на американската резолуција во Обединетите нации…

На три години од војната во Украина пред Советот за безбедност на ООН, две резолуции. САД повикуваат на брз крај на конфликтот и траен мир меѓу Украина и Руската Федерација. На резолуцијата е коспознор и земјава, заедно со Унгарија, Грузија и Израел. Премиерот Мицкоски очекува истата да биде поддржана од мнозинството.

„Одлучивме да бидеме коспонзори на Резолуцијата којашто ја поднесуваат САД. Очекувам истата да биде поддржана од мнозинството во рамките на ООН“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Нацрт-резолуцијата од ЕУ и Украина се однесува на целосната инвазија од страна на Руската Федерација и се бара итно и безусловно повлекување на сите сили на Москва, со поддршка за територијалниот интегритет на земјата.

„Начинот на кој одговараме на руската агресија денес, начинот на кој ќе одговараме на руските злосторства и агресијата како алатка на државното уредување ќе ја дефинира не само иднината на Украина, туку нашата заедничка иднина на целиот демократски свет и иднината на Обединетите Нации“, изјави Мариана Бетса, заменик министер за надворешни работи на Украина.

На тригодишнината од војната светските лидери во Киев ветија помош и поддршка. ЕУ го усвои 16-от пакет санкции за Русија.

„Ќе ги зголемиме казнените санкции против Русија сè додека не покажат вистинска волја за постигнување траен мировен договор“, изјави Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

По острата реторика од претседателот Трамп за потрошените средства во војната, Зеленски одново бара Украина и Европа заедно со САД да бидат на преговарачка маса пред Русија.

„Оваа година мора да стане година на почеток на вистински и сигурен мир. Мораме да постигнеме мир преку сила, мудрост и единство – преку нашата соработка со вас“, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина

За три години, Украина загуби значителни делови од територијата, милиони Украинци ги напуштија домовите, илјадници беа убиени или ранети. Москва бара Украина да ги отстапи петте региони кои се целосно или делумно окупирани, Киев да се откаже од НАТО, а во земјата да се одржат избори.

„Ќе ги запреме воените акции кога со овие преговори ќе се постигне цврст, одржлив резултат во корист на Руската Федерација“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Од Вашингтон уверуваат, преговорите со Москва се неопходни за да се оцени подготвеноста за дипломатско решение на конфликтот. Во Белата Куќа, францускиот претседател Макрон на разговори со претседателот Трамп. Неделава во Вашингтон патува и британскиот премиер Стармер.

Маријана Димовска