Средба Макрон-Трамп
Мирот не смее да значи капитулација на Украина – дециден шефот на француската држава Макрон на средбата во Белата куќа со американскиот претседател Трамп. И двајцата согласни дека е потребен договор за траен мир. Неделава Трамп треба да се сретне и со британскиот премиер Стармер...

Сакаме да работиме заедно за мир во Украина, не на кревок договор, порака од претседателите на САД и на Франција по состанокот во Белата Куќа. Трамп истакна дека непријателствата би можеле да завршат за неколку седмици, а трошоците за обезбедување мир треба да бидат покриени од европските држави, а не само од САД.
„Мислам дека е во корист на Русија да склучи договор. И чувствувам дека ќе го направиме тоа. Тоа е она што е. Повторно, тоа е војна што никогаш не требаше да се започне. Тоа е војна што немаше да започне да бев претседател. Но, започна. И ние мораме да го прекинеме тоа“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Макрон изјави дека мирот не смее да значи капитулација на Украина и уверува дека Европа е подготвена да обезбеди безбедносни гаранции, вклучително и мировни сили, во случај на прекин на огнот. Лидерот на Франција тврди дека со Велика Британија веќе имаат подготвен план за таква операција. Неделава во посета на Вашингтон е и британскиот премиер Стармер.
„Кога зборуваме за војници, зборуваме за нивно испраќање откако ќе преговараме за траен мир. Значи, ова би било мирно распоредувања на војници, не за борба. Тоа би било распоредувања на сили за гаранција. Би биле ограничени. Зборував со сите наши сојузници, а има и европски и неевропски сојузници кои се подготвени и сакаат да учествуваат во тие напори“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Москва повеќепати предупреди дека за неа е целосно неприфатлива распоредување војска од земјите кои му испорачуваат оружје на Киев. Шефот на Кремљ вели дека главна пречка за мир е актуелното раководство во Украина и декретот со кој се забрануваат какви било директни преговори со Москва.
„Американскиот претседател Трамп рече дека сака да постигне мир што е можно поскоро, исто како и ние. Сепак, сегашниот шеф на режимот, украинскиот претседател Зеленски стои на патот за постигнување на оваа цел“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Претседателот Зеленски за време на неговиот говор на состанокот на Г7 побара од САД да продолжат да ја поддржуваат Украина.
„Од самиот почеток на оваа војна, ние сакавме мир. И сега повеќе од кога било, веруваме дека е можен вистински и траен мир. Од суштинско значење е да работиме заедно, така што кога ќе преговараме со Русија, најсилните бранители на слободата да се на маса – Америка, Европа и Украина. Тука може да се случи вистински мировен договор“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
На фронтот продолжуваат битките. Од воздух нападнат Киев. По интензивните гранатирања од Русија во Украина, Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека полски воени авиони го прелетале воздушниот простор на земјата за да ја зголемат безбедноста.
Маријана Димовска
