АВРМ: Да се користат мерките за самовработување

04.08.2014 14:49

Агенцијата за вработување ги претстави новите јавни огласи за активните мерки за вработување- самовработување со кредитирање, самовработување за млади до 29 години, кредитирање правни субјекти за отворање нови работни места и кредитирање фирми за вработување млади лица до 29 години.

Сите невработени лица и работодавачите да ги користат можностите за самовработување и отворање нови бизниси што ги нуди Владата, апелираат Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална политика.

Само со изразена проактивност, лично вложување и основање сопствени бизниси, како што беше речено денеска на прес-конференција, може да се намали невработеноста, но и да се подобри бизнис климата во земјата.

Повиците за новите огласи се отворени на 1-ви август и ќе траат до 22 овој месец.

Агенцијата на веб страницата има објавено и предлог бизнис-план кој треба да им помогне на апликантите при изготвувањето сопствен, односно да им покаже како треба да изгледа.

„Активните мерки за вработување се покажаа повеќе од успешни. Кредитирањето продолжува, имаме доволно средства“, истакна Поповски.

Огласите  за активните мерки за вработување ќе се објавуваат секој месец. Според директорот Поповски, доколку некој не биде примен сега, по потребните корекции на бизнис-планот, ќе има можност следниот пат.